Семејството Кичеви го произведува „Ролан“, првиот македонски трактор, целосно произведен во Кавадарци!

- Advertisement -

Пишува- Сања Наумовска

Ролан“ е првиот македонски бренд на трактори, целосно произведен во Кавадарци, во фабриката на семејството Кичеви. Семејниот бизнис „МФ Јанаки“ постои веќе три децении. Во него три генерации од семејството се занимавале со сервисирање и репарирање на трактори. Последните две години одлучиле сериозно да го прошират бизнисот и своето знаење да го инвестираат во производство на првиот македонски трактор. Иако им ги забавила активностите, сепак, ниту пандемијата на Ковид 19, што трае речиси цела година, не го поколебала семејството упорно да работи на својот план и да истрае во инвестициите. Резултат на тоа се десетици произведени трактори кои веќе се користат на нашите ниви во сите делови од земјава.

- Advertisement -

Во 2019 година го направивме прототипот на тракторот што сега го произведуваме и заклучивме дека сме подготвени да стартуваме со производство. Во меѓувреме ја обезбедивме целата документација, прототипот беше тестиран на Машинскиот факултет, Бирото за метеорологија ни издаде број на шасија за да можат купувачите да си ги регистрираат возилата, а во меѓувреме инвестиравме и во нова хала каде го сместивме производството“, вели Наќе Кичев, ексклузивно за Иновативност.

Раскажува дека компанијата ја основал дедо му во 1995 година, кога понудата и побарувачката во областа на резервните делови била на минимално ниво и кога подемот на модернизацијата на авто пазарот на светско ниво земал голем замав. Тие биле меѓу првите во земјава кои што можеле да ги следат тековите и да го задоволат купувачот. Долги години работеле на сервисирање и репарирање на половни трактори и од мала локална продавица ја прошириле дејноста во сервис за продажба и сервисирање на second hand трактори, а сега и на производство.

- Advertisement -
првиот македонски трактор „Ролан

Дизајнот на првиот македонски трактор „Ролан“, но и неговите механички перформанси се идеја на Кичеви, особено на таткото Ѓоко и синот Наќе. Тие велат дека „Ролан“ е прилагоден на потребите на македонскиот земјоделец и квалитетот и местоположбата на неговите ниви и за сите активности кои се изведуваат: орање, прскање или транспорт. Она што е најважно е што квалитетот е врвен, а цената е пониска од конкуренцијата. Тоа, вели Кичев, им дава шанса на нашите земјоделци да набават светска механизација по македонски цени.

„Пред извесно време добивме делови за уште неколку десетици трактори, така што следниот период ќе биде исполнет со многу работа. Деловите се набавуваат од Велика Британија, Турција и Индија, а некои почнуваме и тука да ги произведуваме. Производството на еден трактор од првиот шраф до крајниот продукт трае околу една недела“, oбјаснива Кичев.

- Advertisement -

Сите трактори, посочува, досега ги продале со минимална реклама, само на социјалните медиуми. Откако биле купени првите трактори од нивниот бренд, добриот глас брзо се проширил, па земјоделците самите се интересирале за нивното производство. Во моментов побарувачката е поголема од нивниот шроизводствен капацитет, заради што размислуваат во иднина да направат и поголеми инвестиции и проширување на производството.

План ни е да почнеме производство и за извоз. Пред извесно време се сретнавме со заинтересирани партнери од Косово, кои продаваат земјоделска механизација. Дел од новите машини кои ќе се произведат во следните неколку месеци ќе заминат на овој пазар, каде се надеваме дека ќе има добра побарувачка“, посочува Кичев.

Сподели!
- Advertisement -