Преку проектот „GREENOVET“ ќе се формираат центри за извонредност за стручно образование

- Advertisement -

Почна со реализација четиригодишниот проект „GREENOVET – Европска платформа за извонредност во стручното образование и обука за зелени иновации“, финансиран од програмата „Еразмус +“.

Во проектот, чија вредност е над 4.000.000 евра, се вклучени 18 партнери од четири земји, Австрија, Португалија, Финска и Северна Македонија. Македонски партнери во проектот се Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Сојузот на стопански комори на Македонија, АД „Раде Кончар“ – ТЕП, ДООЕЛ Скопје, АСУЦ „Боро Петрушевски“ – Скопје и Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење (НЦРИПУ) – Скопје.

- Advertisement -

Како што информира денеска Машинскиот факултет – Скопје, проектот „GREENOVET“ ќе резултира со формирање на центри за извонредност за стручно образование и обука во областа на зелените иновации во земјите учеснички во проектот, овозможувајќи развој на иновативна, инклузивна и одржлива економија. Во нашата земја планирано е Центарот за извонредност за зелени иновации да биде лоциран на Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Покрај тоа, проектот ќе обезбеди платформа за меѓусебно поврзување на училиштата за стручно образование и обука и универзитетите, на регионално, национално и европско ниво, со вклучување на клучните партнери во локалните и регионалните екосистеми за иновации и вештини.

- Advertisement -

На состанокот, како што се наведува во соопштението, се обрати претставникот на Европска Комисија Жоао Сантош од Генералниот директорат за вработување, социјални прашања и инклузија, кој истакнал дека овој проект е најдобро оценета апликација од пристигнатите 55 проекти во повикот за 2020 година, кој се однесува на „зелената трансформација“ на Европа.

Според Сантош, ЕУ има огромни очекувања од овој проект кој го сметаат за предводник и пример на ниво на ЕУ,  кога станува збор за имплементирање на зелената агенда на ЕУ во областа на образованието и обуката и нивната поврзаност со бизнис секторот. 

- Advertisement -

МИА

Фото – Pixabay

Сподели!
- Advertisement -