Од утре ќе се пушти во употреба нова веб-страница преку која граѓаните ќе можат да се пријават за вакцинација против ковид-19. Ова го најави денеска министерот за здравство Венко Филипче, по обиколката на Поликлиниката Бит Пазар, каде се сместени фрижидерите во кои ќе се складираат вакцините на кинеската државна компанија „Синофарм“.
„Ќе може да се пријави буквално секој за вакцинација, а системот автоматски ќе ги генерира приоритетните“, изјави Филипче.
Филипче посочи дека е направен оперативен план за процесот на вакцинација, а пунктовите за вакцинација, во Здравствениот дом во Скопје – во поликлиниките во Ченто, Букурешт, Јане Сандански ќе работат во две смени. По една смена ќе работат пунктовите во поликлиниките Ѓорче Петров, Млин Балкан и сите 7 поликлиники ќе бидат активни.
Директорот на Здравствениот дом во Скопје, Виктор Исјановски рече дека работното време во трите поголеми поликлиники Букурешт, Јане Сандански и Чаир ќе биде во периодот од 8 до 20 часот.
“Децата од претшколска или школска возраст ќе бидат упатувани од сабајле во Поликлиниката Ѓорче Петров или пак во амбулантата во Карпош, за да не бидат загрозени и тој тип на имунизација да продолжи и понатаму. Останатите 4 поликлиники ќе работат во попладневните часови. Мислам дека 22 позиции се доволни во овој момент да опфатиме и дека со тек на време ќе може терминот од 10 минути да го намалиме на 5 минути, за вакцинацијата да оди побрзо“, изјави Исјановски