Центарот за иновации „Градежништво Шкотска“ заедно со градежните претпријатија и академската заедница во оваа земја заеднички ги здружија силите во промоција на нови технологии и иновации за повисока ефикасност и продуктивност на шкотското градежништво. Пример од кој може многу да се научи!
Извор – skills4future ( Проект за премостување на „јазот кај вештините“ во: текстилниот и градежниот сектор, но и да се осврне на обновливите извори на енергија
Малите инвестиции во иновации, истражување, развој, и технологии; неможноста да постигнат поамбициозни цели со употреба на традиционални градежни процеси, но и бавното воведување на нови технологии во градежниот сектор, беа мотивација за изнаоѓање и промоција на подобри начини на работа во шкотското градежништво. Споредено со другите сектори во Шкотска, искористувањето на дигиталните и напредните технологии во градежништвото е на доста пониско ниво. Затоа, оваа скандинавска земја лоцираше голема можност за подобрување на работењето на градежниот сектор преку користење на нови и иновативни технологии. Целта за редефинирање на пристапот кон оваа индустрија дојде од потребата овој сектор да стане поефикасен преку намалување на загубите, како во време така и во материјали!
Поаѓајќи од овие сознанија и со јасна визија – надминување на проблемите во градежниот сектор, шкотската влада уште во 2014 година го основаше првиот Центар за иновации во градежниот сектор, „Градежништво Шкотска“ („Construction Scotland Innovation Centre“). Отворањето на Центарот за иновации во рамки на „Меѓународниот технолошки парк Хамилтон“ во близина на Глазгов, го означи стартот на „иновациската револуција“ во шкотското градежништво!
Што всушност се случува во „Градежништво Шкотска“?
Центарот за иновации „Градежништво Шкотска“ е местото каде што се спојуваат индустријата, универзитетите и јавниот сектор, разменуваат знаење со цел да најдат решенија за проблемите во индустријата. Во овој Центар може да се сретнат иноватори, студенти, универзитетски професори, претприемачи, менаџери … Во една отворена и колаборативна средина се поттикнува климата за креирање иновации во градежништвото.
Како фокусна точка за соработка во градежниот сектор, кој вклучува илјадници компании и самовработени лица, во рамки на екосистемот Центарот обезбедува менторство, советување, обуки, бесплатни семинари, финансирање, административна поддршка, простории за состаноци и работилници, а се со цел: поттикнување на иновации и иновативни проекти од градежниот сектор.
До нови иновации со „фабрика за иновации“!
Во 2017 година, „Градежништво Шкотска“ отвори 3 милиони фунти вредна „Фабрика за иновации“ на површина од околу 3.000 м2. Фабриката за иновации претставува центар за иновациски активности во градежниот сектор во Шкотска и располага со канцелариски простор, како и работилници со најнова опрема и технологија за производство и изработка на прототипови.
На корисниците на оваа „фабрика“ им се достапни 3Д принтер, простор за роботска изработка на прототипови, како и проширена реалност (Augmented Reality) за интерактивно искуство со идентични реплики на градилишта. Во фабриката за иновации се употребуваат и дигитални алатки за моделирање на информации за градба (BIM – Building information modeling), концепт кој е тренд во градежништвото и подразбира генерирање и управување на дигиталната претстава на физичките и функционалните карактеристики на градбата.
Фабриката за иновации е прв дигитален центар за врвни достигнувања за производство, изработка на прототипови и идни вештини. Пристапот до неа е овозможен преку комерцијален модел, а се користи од страна на индустријата и академската заедница на различни начини. Отворена е и за фирми од странство на основа на поддоговор за испорака на проект финансиран приватно или преку други програми кои финансираат иновации.
Алтернативни методи за градење за помало загадување, поголема безбедност и продуктивност
Центарот за иновации „Градежништво Шкотска“ е вклучен во поголем број проекти од областа на иновации во градежниот сектор. Еден е од партнерите во проектот „Воведување модуларни иновации во градежништвото – Модернизирање на образованието“ кој е финансиран од ЕУ програмата „Еразмус+”. Целта на проектот кој завршува во 2022 година е модернизирано образование и обука за алтернативни методи за градење како што се модуларен начин на градење и правење на компоненти или елементи од некој градежен проект на различна локација од онаа на која треба да бидат трајно поставени. Ако се знае дека методите за извршување на одредени градежни активности надвор од градилиште и модуларниот начин на градење се побезбедни, попродуктивни и помалку ја загадуваат околината отколку традиционалните методи на градење, тогаш зголемувањето на свесноста за користење на овие градежни методи кај малите и средни претпријатија, и микробизнисите, е од големо значење.
Кога станува збор за модуларниот начин на градење, „Градежништво Шкотска“ е дел и од конзорциум кој работи на пилот-проект за зголемување на употребата на шкотско дрво за ламинирани структурни елементи за градба, како и производство на првиот шкотски објект за домување направен од ламинирано дрво. За пилот проектот, за производство на елементите се користи „Фабриката за иновации“ на Центарот за иновации „Градежништво Шкотска“, и се очекува тие да бидат изработени до крајот на годинава. Во низата придобивки од проектот се намалување на трошоците за градежната индустрија, намалување на емисијата на јаглерод диоксид поради намалена потреба од транспорт, како и отворање на нови пазари за дрвната индустрија која е лоцирана во Обединетото Кралство.
За да се следат модерните методи за градење со соодветни вештини и знаење, Центарот за иновации „Градежништво Шкотска“ заедно со мрежа на експерти, ја има развиено интернет програмата за обука за иновативни методи за градење, „Offsite Ready“. Обуката, која е бесплатна, се однесува на правење компоненти или елементи од некој градежен проект на различна локација од онаа на која треба да бидат трајно поставени. Програмата нуди континуиран професионален развој преку осум модули придружувани од виртуелни настани.
Поддршка за иновативност кај малите и средни градежни претпријатија
„Градежништво Шкотска“ води, или е дел од поголем број на иницијативи за воведување иновации и нови технологии во градежниот сектор. Една од нив е „Make It Smart Hub“ иницијативата, иницијатива на „Градежништво Шкотска“ во партнерство со еден шкотски универзитет, која има за цел поддршка на малите и средни, градежни и производни, претпријатија да научат, применат и споделат нови технологии, процеси и вештини, кои ќе ја подобрат продуктивноста и придонесат за инклузивен развој. „Make It Smart Hub“ вклучува повеќе активности и обезбедува низа погодности за малите и средни претпријатија како на пример интернет портал за размена на знаење, пристап до опрема и технолошка експертиза, можности за соработка во истражување и развој, обука за континуиран професионален развој и виртуелни презентации.
Центарот за иновации „Градежништво Шкотска“ поддршка за иновации дава и преку сопствениот фонд за колаборативни иновативни проекти. Преку овој фонд „Градежништво Шкотска“ финансира до 100 проценти од академскиот придонес во иновативни проекти кои се спроведуваат од страна на универзитетите-партнери на Центарот.
Иновативни иницијативи во време на КОВИД-19
Со цел да го поддржи градежниот сектор за време на глобалната криза поврзана со пандемија на КОВИД-19, „Градежништво Шкотска“ започна иницијатива која го носи името „i-Con“. Иницијативата се состои од три компоненти: фонд „Иновациски предизвик“, Центар за знаење и Платформа за онлајн учење.
Компонентите се така дизајнирани да ги поврзат тие кои имаат тековни предизвици со оние во индустријата и академската заедница кои може да понудат решенија за подобра иднина преку иновации. Преку фондот „Иновациски предизвик“ во август 2020 година веќе се поддржани шест иновативни проекти.
Дополнително, центарот за иновации „Градежништво Шкотска“ е дел од бесплатна интернет програма за обука и подигање на свесноста „Be Covid Smart“, а во врска со безбедна обука и работа во градежништвото во време на КОВИД-19. Целта на програмата е преку интернет обука да се едуцираат оние кои работат на градилиште, кои работат од дома или се на места каде се учи, потоа да се поддржи безбедна работа и учење во градежната индустрија, како и да се охрабри работната сила во градежништвото да пријави небезбедно однесување.
Иновациски шампиони за сегашноста и лидери за иднината
Во рамки на „Градежништво Шкотска“ функционира експертска група наречена „Иновациски шампиони“, составена од индивидуалци специјалисти од градежништвото, но и други индустрии, како и академската заедница и јавниот сектор, кои вршат избор на најдобрите иновативни идеи и го насочуваат идното финансирање и програмски приоритети на центарот. „Иновациски шампиони“ е гарант дека „Градежништво Шкотска“ финансира проекти со максимално позитивно општествено и економско влијание, како и влијание на животната средина. Работата на „Иновациски шампиони“ е на волонтерска основа.
Центарот за иновации моментално е во процес на формирање и на „Форум на идни лидери“ односно група до 12 професионалци на возраст од 16 до 30 години, во рана кариера и студенти. Целта на форумот е промоција на развој на нови вештини, способности и можности во градежниот сектор заради инспирација на идната работна сила во градежната индустрија со што секторот ќе има корист во времето што доаѓа. Групата треба да споделува идеи и да дава напредни експертизи со што ќе помага за идните стратегии и програми за вештини на „Градежништво Шкотска“ и ќе земе учество во поврзување на индустријата со новите можности.
Покрај иновациските шампиони и идните лидери за иновации, центарот за иновации „Градежништво Шкотска“ е отворен и за практиканти, во рана фаза на својата кариера, чија пасија се иновациите.
Центарот за иновации преку „Built Environment Innovation MSc Fund“ финансира и постдипломски студии за иновации во градежништвото на кандидати кои може да помогнат во решавање на климатски промени, создадат попаметни и поздрави услови за живеење, и развијат човечки ресурси и култура кои ќе поддржат нова иднина. Кандидатите мора да бидат заинтересирани за иновации во градежништвото и во текот на студиите да соработуваат со некој партнер од секторот за развој на решенија за градежни предизвици. Стипендијата нуди можности и за групите на граѓани кои не се доволно застапени во градежниот сектор, особено за жени, лица со попреченост итн.