Фондот за иновации и технолошки развој и Државниот завод за индустриска сопственост (ДЗИС) го потпишаа првиот Меморандум за соработка, со цел поттикнување иновации и афирмација на домашните компании и организации.
Соработката ќе се реализира преку организирање на активности за поттикнување на заштита на иновациите, размена на информации, знаења и искуства, учество во работни тела и организирање на настани, инфо сесии, обуки, работилници и промоции.
“Очекувам ваквата соработка да придонесе за подигнување на свеста за потребата од заштита на иновативните производи и услуги на македонските компании, како и бенефитите кои произлегуваат од стекнувањето на заштитата. Со заеднички напори, размена на информации и идеи ќе овозможиме македонските иноватори да успеат и да станат поконкурентни на домашните и странски пазари.”, изјави Коста Петров, директор на ФИТР.
Тој додаде дека меѓусебната соработка помеѓу овие две институции ќе овозможи услови за зајакнување и развој на стартап заедницата и поддршка на иновативните умови.
Државниот завод за индустриска сопственост им дава силна поддршка на иноваторите, ги патентира нивните производи и ги стимулира за нови изуми кои најчесто наоѓаат примена во секојдневниот живот.
„Преку овој Меморандум на соработка верувам дека домашните компании се повеќе ќе ги заштитуваат своите производи, бидејќи патентот, трговската марка, индустрискиот дизајн, географскиот назив не само што ја јакне конкурентноста на претпријатието туку го зголемува угледот преку тоа што го докажува својот технички капацитет, инвентивноста и експертиза во областа во која тоа претпријатие работи“, изјави Горан Герасимовски, директор на Државниот завод за индустриска сопственост.
Со ваков пристап, Фондот за иновации и технолошки развој прави значителен чекор во поттикнување и развој и на македонската стартап сцена и поголем раст на домашните компании.