Почна вакцинацијата во земјата, први ќе се вакцинираат здравствените работници

- Advertisement -

Денес во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби почна вакцинацијата на здравствените работници кои работат во ковид центрите во цела држава.

Вакцинацијата почна во 10 часот, а прв ќе се вакцинира медицинскиот персонал кој работи на Инфективната клиника во Скопје. Пунктот во модуларната болница каде има 6 вакцинални позиции, ќе работи во две смени од 8 до 20 часот, а вакцинацијата ќе ја спроведуваат медицински тимови од Здравствен дом Скопје. Термините за вакцинирање ќе бидат на секои 10 минути.

- Advertisement -

Од Министерството за здравство информираа дека во текот на вчерашниот ден Националниот систем испраќаше списоци со имињата на здравствените работници кои сакаат да се вакцинираат до ковид центрите низ државата, со точен час и ден кога треба да дојдат да ја примат вакцината во модуларната болница во Скопје. Ковид центрите треба повратно да ги потврдат листите. На секој здравствен работник кој ќе прими вакцина веднаш ќе му биде резервирана втора доза за ревакцинација.

Деновиве во земјата од Србија пристигнаа 4.680 дози вакцини од компанијата Pfizer. Со оваа пратка вакцини имунизација ќе се спроведува само во модуларната болница во Скопје. Со пристигнувањето на другите дози вакцини во државата, ќе се врши дистрибуција на вакцини низ останатите здравствени домови во земјава каде вакцинацијата ќе се спроведува во постоечките вакцинални пунктови, велат од Министерството за здравство.

- Advertisement -

(фото: Pixnio)

Сподели!
- Advertisement -