По 7 месеци патување од Земјината топка, научниот ровер „Персеверенс“ вчера вечер успешно слета на планетата Марс. НАСА во живо ја пренесуваше целата операција, а милиони гледачи ширум светот ги следеа историските моменти од почетокот на истражувачкиот процес со кој треба да се утврди дали некогаш постоел живот на оваа планета.
Роверот „Персеверенс“ е возило со шест тркала, најнапредно досега, беше лансирано на 30 јули 2020 година од Флорида и успеа да помине растојание од над 470 милиони километри. Тоа вчера успешно слета на кратерот на Марс, именуван по босанскиот град Језеро. Неговата мисија ќе започне најпрво од оваа локација, за која се верува дека во минатото постоело езеро.
„Ова е неверојатно достигнување. Не можам да ви објаснам колку многу емоции имав“, изјавил директорот на НАСА, Стив Јурцук.
„Ова навистина е почеток на нова ера“, изјавил администраторот за наука на НАСА, Томас Зурбукен.
„Персеверенс“ е првиот чекор од амбициозниот проект со кој треба да се подигнат примероци од почвата на Марс и да се донесат назад на Земјината топка, информираат од НАСА. Роботското возило ќе помине 2-годишно истражување на постојната локација, ќе трага знаци од некогашен микробиолошки свет, ќе ги истражува карпите и теренот на местото на кое се верува дека некогаш имало езеро.
Покрај тоа што треба да ги утврди геологијата и некогашната клима на Марс, со сите овие податоци роверот на НАСА всушност го овозможува идното човеково истражување на оваа планета. Во една од претстојните мисии на НАСА и Европската вселенска агенција ЕСА, треба да се испрати летало што ќе ги подигне избраните примероци од роверот „Персеверенс“ и ќе ги врати назад на Земјината топка.
Роверот со големина на автомобил е деветтото вселенско летало кое успешно слета на Марс – сите од САД. Вчерашното приземјување претставуваше најризичниот дел од двегодишниот проект вреден 2,7 милијарди долари.
Извор – Мета
Извор на фотографија: NASA/Bill Ingalls