Промовиран Националниот геопортал за просторни податоци

- Advertisement -

Катастарските парцели, хидрографската и патната мрежа, начинот на искористување на земјиштето, зградите, географските имиња, висинскиот модел на теренот, ортофото картата, како и низа на други податоци може да се видат на Националниот геопортал за просторни податоци,  рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, кој е и претседавач со Националниот совет за инфраструктурата на просторните податоци, на промоцијата на новиот геопортал што неодамна беше пуштен во работа.

-Со новиот НИП геопортал се олеснува пристапот, пребарувањето и користењето на стандардизираните геопросторни податоци и услуги на ефикасен и ефективен начин. Тој претставува најсовремена платформа за геоинформации во нашата држава и е дел од иницијативата на Владата за зголемување на транспарентноста на работата на јавниот сектор и достапноста до геопросторните податоци. Кориснички е ориентиран и содржи многу информации и податоци кои им се потребни на корисниците, рече Битиќи на денешната прес-конференција во Владата.

- Advertisement -

Податоците, додаде, може да ги користат државните органи, стопанството и граѓаните кои со еден клик на геопорталот може да дојдат до бараната информација. Тие се хармонизирани со соодветните европски регулативи.

-Очекувам во иднина се поголем број на државни институции да ги отворат и објават своите податоци на НИП геопорталот. Со тоа постојано ќе го надополнуваме со нови ажурирани податоци кои ќе придонесат за развојот на стопанството, заштитата на животната средина, планирањето на просторот и искористувањето на ресурсите, нагласи Битиќи.

- Advertisement -

Директорот на Агенција на катастар на недвижности, Борис Тунџев посочи дека Агенцијата во изминатиот период покажа дека постојано се залага за примена на нови технологии, стандарди и услуги, а пример за тоа е, како што рече, и новиот НИП геопоратал кој овозможува брз, автоматизиран  и непречен пристап, како и интероперабилна размена на овие податоци меѓу институциите.

-Агенцијата планира одржување на повеќе работилници на кои ќе бидат презентирани можностите на НИП геопорталот, односно начинот на користење на податоците преку сервисите и нивно прегледување, преземање и размена, рече Тунџев и додаде дека геопорталот ги интегрира просторните податоци од сите државни институции во едно централизирано место од каде се достапни за сите заинтересирани корисници.

- Advertisement -

НИП геопорталот, додаде, содржи повеќе компоненти како веб-базирано решение на кое се објавени просторни податоци и услуги кои, како што рече,  може да се пронајдат, прегледаат и преземат од страна на корисниците.

-Порталот претставува систем за пристап до неколку регистри управувани на централно ниво во кои преку моделот за електронска продавница се овозможува купување на податоците и услугите. Тие се достапни во електронска форма и може да се преземат и користат за целата територија на државата или за одредено подрачје во зависност од потребата и форматот дефиниран од страна на корисникот, рече Тунџев.

Во НИП геопорталот има 161 метаподатоци, 79 услуги и 82 датасетови од 20 институции кои се координирани од Агенција на катастар на недвижности. вј/лв/

Сподели!
- Advertisement -