Сертификати за 20 учесници на обуката за изведувачи на системи за обновливи извори на енергија

- Advertisement -

Здружението за сончева енергија „Солар Македонија“ денеска им додели сертификати на 20-те кандидати кои успешно ја завршија обуката за изведувачи на системи за обновливи извори на енергија.

-И покрај поволните природни услови, искористувањето на сончевата енергија во Северна Македонија е на незавидно ниво во Европа и сè уште се соочуваме со недоволен број на стручни инсталатори на соларни системи. Оваа обука ја организиравме токму со таа цел – да се постигне максимална ефикасност од инсталираните соларни системи преку нивно правилно инсталирање, изјави проф. д-р Илија Насов, претседател на „Солар Македонија“ по доделувањето на сертификатите .

Претставникот на Канцеларијата на УСАИД, Ерик Јановски, говореше за придобивките од инвестирањето во обновливи извори на енергија и потенцираше дека ваквите инвестиции се предуслов за постигнување одржлив економски развој.

- Advertisement -

-Во текот на изминатите две децении, УСАИД ги поддржа реформите во енергетскиот сектор во земјава, помагајќи ја диверзификацијата на енергетските извори и развојот на внатрешниот пазар на енергија, како и интеграцијата со регионалните пазари со цел да се осигури енергетска сигурност. Сите овие активности овозможија државата да исполни голем дел од барањата на Енергетската заедница, со што е подобро подготвена да се приклучи на европскиот единствен пазар на енергија, рече Јановски во поздравниот говор.

Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи ја истакна заложбата на Владата за подобрување на постојната состојба во искористување на сончевата енергија и напомена дека во наредниот период ќе се настојува обврските спрема Парискиот договор за климатски промени, директивите на ЕУ и останатите документи што е можно повеќе да се вклучат во земјата.

- Advertisement -

„Солар Македонија“ ја организираше обуката за соларни системи како дел од иницијативата „Јакнење на соларниот сектор преку тренинзи, настап на саеми и активности за лобирање“ поддржана од Проектот на УСАИД за развој на деловниот екосистем. По одржувањето на две пилот обуки во 2019 година, програмата за обуката беше верифицирана од страна на Министерството за образование и наука и Центарот за образование на возрасни во 2020 година. Првата верифицирана обука која се одржа во периодот декември 2020 – јануари 2021 година успешно ја завршија 20 кандидати.вј/скс/

Сподели!
- Advertisement -