Исполнети се условите за добивање на втората транша од 80 милиони евра од макрофинансиската помош од Европската Унија во вкупен износ од 160 милиони евра, а кои се наменети за надминување на кризата предизвикана од корона вирусот, информира министерот за финансии, Фатмир Бесими, на средбата со еврокомесарот за буџет и администрација, Јоханес Хан и со еврокомесарот за економија, Паоло Џентилони, којашто се одржа денеска во Брисел.
„По добивањето на одобрението од Европската комисија, Министерството за финансии ќе испрати барање за исплата на втората транша. Воедно, во првата половина на март ќе поднесе барање за исплата на втората транша во износ од 8 милиони евра од Договорот за отпорност на ЕУ, а којашто се надеваме дека ќе ја добиеме до крајот на наредниот месец,“ информира Бесими.
Македонија во октомври минатата година ја доби првата транша од макрофинансиската помош од ЕУ во износ од 80 милиони евра, а кон крајот на 2020 година дополнително беше дистрибуирана првата транша од 32 милиони евра од Договорот за отпорност на ЕУ, од кои 24 милиони евра беа префрлени во Развојната банка и веќе се алоцирани во форма на бескаматни кредитни линии со грант компонента, а 8 милиони евра ќе се користат од страна на Агенцијата за вработување, за поддршка на активните мерки за вработување.
Бесими на состанокот со еврокомесарите информирал дека годинава ќе биде подготвена нова Програма за управување со јавните финансии 2022 – 2027 година, и оти би било добро доколку ЕК размисли за поддршка на оваа програма во рамки на ИПА-3 инструментот, а во програмскиот период 2021 – 2027 година.