Со поддршка од ЕИБ, досега во Македонија се инвестирани 970 милиони евра во 29 проекти

- Advertisement -

Европската инвестициска банка подготвува пакет за финансиска поддршка во пост-ковид периодот за рестарт на економијата и враќање на развојот од пред кризата. Од ЕИБ за во текот на годинава се најавени нови значителни финансиски средства за македонските мали и средни претпријатија.

– Европската инвестициска банка е подготвена да ја прошири својата успешна соработка со нашата Влада и понатаму да придонесе кон остварување на европските стандарди за конкурентност на македонската економија, да поддржи големи инфраструктурни проекти и транзиција кон позелен и поодржлив економски модел, информираа од Владата по вчерашната средба на Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими во Луксембург со претседателот на ЕИБ, Вернер Хојер и со потпретседателката на оваа банка Лилјана Павлова.

- Advertisement -

На средбата е потенцирана поддршката за спроведување на двата клучни проекта во државава за кои  се аплицираше на последниот повик за инвестициски грантови во рамки на Инвестициската рамка за Западен Балкан: Пречистителната станица во Скопје и третата фаза од железничкото поврзување по Коридорот 8, источното крило кон Бугарија.

– На претседателот Хојер му ја пренесов нашата заинтересираност за подобра соработка во спроведување на нашата инвестициска агенда презентирана преку Единствената листа на проекти, за што го поканивме ЕИБ да отвори свое претставништво во Северна Македонија, изјави Заев, посочувајќи дека добиле охрабрување од врвот на банката за плановите во пост-ковид периодот и за рестарт на економијата и враќање на развојните трендови кои, потенцирам Европската инвестициска банка ги препозна и ќе ги поддржи и во иднина.

- Advertisement -

Хојер, од своја страна истакна дека приоритет на банката е да ја поддржи Северна Македонија што побрзо да се опорави од пандемијата КОВИД-19 и да напредува на патот за пристапување во ЕУ.

– Подготвени сме да ја поддржиме транзицијата на земјата кон позелена, поинклузивна и поодржлива економија со финансирање и технички совети. Премиерот Заев и јас споделуваме европска визија и посветеност кон економски силен регион на Северна Македонија и Западен Балкан и сакаме да видиме поголеми придобивки за Северна Македонија од Економскиот инвестициски план на Европската Комисија, изјави Хојер.

- Advertisement -

ЕИБ досега инвестираше близу 970 милиони евра во 29 проекти во Република Северна Македонија, поддржувајќи клучни сектори на економијата – инфраструктурата, енергијата, транспортот и малите и средните претпријатија.

Како дел од целокупните напори на ЕУ во рамките на Тим Европа за ублажување на економскиот пад од пандемијата КОВИД-19, ЕИБ инвестираше 20 милиони евра за поддршка на македонските мали и средни претпријатија во 2020 година со што им овозможи на локалните компании пристап до нови извори на финансирање за надминување на ограничувањата на ликвидноста и за зачувување на работните места за време на пандемијата. Во текот на минатата година ЕИБ и ПроКредит банка инвестираа 15 милиони евра за поддршка на мали и средни претпријатија во државава со цел зачувување на работните места и справување со последиците од ковид кризата. Таа инвестиција, како што велат од ЕИБ, на загрозените компании ќе им го обезбеди потребното финансирање за обртни средства, ликвидност и инвестиции. Исто така, ќе помогне за ублажување на економскиот шок предизвикан од кризата како поддршка на малите бизниси и работните места. Оваа кредитна линија е дел од иницијативата Тим Европа во која ЕИБ учествува со финансиска помош од 1,7 милијарди евра за Западен Балкан.

Во периодот помеѓу 2009 и 2020 година Групацијата ЕИБ обезбеди 653 милиони евра за малите и средни претпријатија, како и компании со средна пазарна капитализација, со што се одржани 99 000 работни места. Во текот на истиот период Банка на ЕУ вложи 277 милиони евра во изградба на модерна транспортна мрежа во државава со што придонесе за унапредување на безбедноста на патиштата, регионалната соработка и времето на патување. Во водоводна и канализациска инфраструктура  ЕИБ има инвестирано 128 милиони евра, со што го зголеми пристапот до вода за пиење и санитарни услуги за граѓаните од Северна Македонија, исто така намалувајќи го и загадувањето на водите.

ЕИБ учествува во финансирањето на  изградбата на Пречистителната станица за отпадни  води во Скопје која треба да го подобри животот на 500 илјади жители. Овој проект ќе го намали загадувањето на водата, ќе обезбеди подобри санитарни услови, заштита на животната средина и јавното здравје. Со инвестиција од 100 милиони евра, пак, ЕИБ ја поддржа изградбата на новиот автопат Демир Капија – Смоквица на паневропскиот Коридор10. Оваа носечка транспортна мрежа Во Западен Балкан ги спојува Салцбург во Австрија со Солун во Грција, поминувајќи низ Словенија, Хрватска, Србија и Северна Македонија. Таа инвестиција го зголеми капацитетот и безбедноста во сообраќајот и брзината на патување, унапредувајќи ја регионалната трговија, поврзувањето и соработката, велат од ЕИБ.

Од вкупното финансирање на ЕИБ во Северна Македонија кредитни линии отпаѓаат  55,21  процент, 28,59 проценти во транспорт, 13,21 процент во водовод и канализации, 2,37 проценти во енергија, 0,62 проценти во услуги.

Сподели!
- Advertisement -