Вљубениците во авијацијата кои не се професионални пилоти, а кои летаат со најразлични типови авиони преку симулатори, отсега ќе можат да летаат кон и од охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“.
Тоа им го овозможи информатичарот Тео Геровски, кој ја изработи апликацијата наменета за симулаторот за летање на „Мајкрософт“, изработувајќи импресивна виртуелна реалност на аеродромот во Охрид (LWOH). Апликацијата нуди мошне детален приказ на аеродромот, со бројни оперативни можности.
Станува збор за прва дестинација изработена од Геровски, што вклучува 4К оштрина на приказот, динамичко осветлување за поголема веродостојност, со вклучени искосувања на теренот и пистата, овозможувајќи приказ на аеродромот речиси идентичен на реалната слика.
Апликацијата е дизајнирана за во целост да соодветствува на потребите на Симулаторот, оптимизирана да овозможи најдобри перформанси.
(МИА)
(фото: Wikimedia)