УСЈЕ и годинава дел од глобалната иницијатива „Часот на планетата Земја“ – со исклучување на мелниците ќе се заштедат 10 MWh

- Advertisement -

Во периодот од 20:30 часот до 21:30 часот денес на 27 март 2021 година, УСЈЕ ќе ги исклучи мелниците за цемент, со што повторно ќе ѝ се приклучи на глобалната иницијатива „Часот на планетата Земја“. Покрај исклучување на мелниците за цемент, од електричното напојување ќе бидат исклучени и другите постројки кои не се од витално значење во УСЈЕ.

УСЈЕ со приклучување кон оваа глобална иницијатива ќе заштеди над 10 MWh електрична енергија, што е приближно количеството енергија неопходна за напојување на околу 20.000 светилки, со што ќе даде свој придонес за намалување на т.н. стакленички гасови во атмосферата, кои се посочуваат како една од главните причинители на глобалното затоплување и климатските промени.

- Advertisement -

Годинава поради пандемијата и мерките за социјална дистанца за спречување на ширењето на Ковид 19 вирусот, „Часот на планетата земја“ ќе биде одбележан виртуелно, но целта е да се подигне свеста на глобално ниво и да се поттикнат луѓето, компаниите и институциите да посветат поголемо внимание на глобалното затоплување и климатските промени и да ги променат навиките и процесите на работа со алтернативни опции, со кои ќе ги извршуваат своите активности во склад со природата и ќе ги намалат штетните влијанија.

УСЈЕ исто така ги повика и своите вработени да ѝ се приклучат на оваа иницијатива од своите домови.

- Advertisement -

Покрај приклучувањето на глобалната иницијатива „Часот на планетата Земја“, УСЈЕ има имплементирано најнови технологии кои овозможуваат минимизирање на влијанието врз животната средина, а компанијата поседува А Интегрирана еколошка дозвола. Мерењата се вршат со независен 24 часовен мониторинг, а се прават и дополнителни компаративни мерења од страна на акредитирани лаборатории. Емисиите од сите мерни места за сите параметри континуирано се под дозволените гранични вредности, а кај дел од нив тие се и неколкукратно пониски. Резултатите од мерењата се јавно достапни и се испраќаат до Министерството за животна средина и просторно планирање, медиумите и невладините организации, а компанијата е отворена за посети за сите заинтересирани поединци и групи.

Од декември 2008 година, Цементарница УСЈЕ е член на „Глобал Компакт“ договорот на Обединетите Нации. Со потпишување на овој договор, компанијата се обврза континуирано да ги почитува десетте клучни принципи за добро корпоративно управување, меѓу кои е и заштитата на животната средина. Дополнително, УСЈЕ постојано поттикнува и спроведува бројни општествено одговорни иницијативи во областа на животната средина и ќе продолжи во таа насока.

Сподели!
- Advertisement -