Сара Симоска дизајнира рачно изработен иновативен мебел од природни материјали

- Advertisement -

Сара Симоска е млада девојка со сериозен професионален „багаж“ зад себе. Таа е архитект и досега работела на проекти за дизајн и ентериер, а ја раководи и организацијата „Мелеем“со која организира работилници за млади архитекти кои дизајнираат урбана опрема за запуштени јавни простори во земјата.  Истовремено Сара е и уметник кој создава уникатни парчиња мебел од природни материјали. Размислувањето надвор од секојдневното и уникатноста на нејзиниот дизајн се интересна иновација и освежување на нашиот пазар. За своите парчиња мебел, Сара вели дека се всушност скулптури, кои имаат своја функционалност и намена.

Сара, каде наоѓате инспирација за вашите дизајни на уникатните парчиња мебел?

- Advertisement -

Инспирацијата доаѓа на многу спонтан, скокотлив и интересен начин. Секој простор кој го посетувам создава некаква визија и идеја во мојата глава. Многу често при работа на проекти за внатрешно уредување е неопходно да дизајнирам уникатни парчиња мебел кои соодветствуваат на тој простор. Така и дојдов до идејата да ги продавам како посебни производи. Секој проект води кон некој друг и така во ланчан процес се раѓаат нови дизајни.

Што имате изработено досега и какви материјали користите?

- Advertisement -

Досега имам изреализирано подвижни полици Movable во различни форми. Во 2017 година победив на натпреварот за дизајн на италијанскиот бренд за мебел Molteni&C Dada за Болоњската недела за дизајн. За овој бренд дизајнирав, а тие изработија подвижни полукружни паравани кои ја поделуваат или ја поврзуваат просторијата. Кога ќе размислам ретроспективно, многу сум заинтересирана за движењето како такво и несвесно го инкорпорирам во мојот дизајн. Во моментов сум во процес на изработка на нови дизајни кои ќе ги објавам наскоро.

Што е уникатното и иновативното во вашите парчиња мебел?

- Advertisement -

Пред се, моделите се уникатни во целиот свет. Во нашата земја постојат многу компании кои изработуваат мебел, но најчесто модели кои што се веќе видени, или се слични на оние кои што постојат. Во моите дизајни јас пред се, се посветувам на скулптуралноста на мебелот, а потоа на употребата. Сметам дека доколку се водите од употребата и мислите на маса или стол ќе направите нешто што веќе сте го виделе. Ако почнете да се инспирирате од геометријата како форма, создадете скулптура во простор и потоа размислите која е функцијата, тогаш ќе добиете нешто многу поинакво и иновативно. За мојот дизајн сум добила повеќе интернационални награди и признанија, и мислам дека буди емоции и не остава никој рамнодушен, без разлика дали им се допаѓа или не.

Производите се изработуваат рачно и во локални работилници. Како дојде до таа соработка?

Целта на моите дизајни е да се користат пред се природни материјали од повеќе причини. Прва причина е затоа што тие се најблиски до човекот. Во праисториско време луѓето користеле камен, дрво, потоа метал, и се што ќе најделе во најблиската околина. Друга причина е затоа што со ваквата одлука се развива економијата на мојата земја, ангажирам мајстори од тука и на крајот клиентот добива производ кој што е изработен е со многу љубов и внимание.

Заинтересирани ли се нашите купувачи за ваков тип на мебел? Знаат ли да ја ценат рачната изработка?

Како што луѓето повеќе шетаат низ светот, секако пред пандемијата, како и со користењето на социјалните мрежи, тие се повеќе почнуваат да го разбираат добриот и квалитетен дизајн. Доброто секогаш победува. Можеби за продажба на мојот мебел треба повеќе време отколку “fast food” мебел на супер акција донесен од некоја земја, но оние личности кои ќе го имаат ќе бидат супер препорака за понатамошни продажби.

Соработувате и со Фондот за иновации и технолошки развој. Кажете ни нешто за таа соработка?

На повикот од Фонд за иновации аплицирав со проект за изработка на е-продавница за продажба на мојот мебел, како и за дизајн и изработка на нови колекции мебел. Моментално ги работам сите тие работи. Посетувам и други градови од нашата земја за да најдам најквалитетни материјали и мајстори, се со цел да добијам најквалитетен производ кој што сакам да го промовирам на интернационален пазар. Се надевам дека веќе од следната година ќе можеме да патуваме. Затоа гледам долгорочно на овој проект. Сакам енергијата да ја вложам оваа година повеќе во паметен дизајн и изработка, за понатаму да бидам издвојлива од конкуренцијата.

Вие сте архитект по професија, на какви проекти имате работено досега?

Ги завршив моите магистарски студии на Полетхничкиот универзитет во Милано во 2016 година. Од тогаш имам работено на многу интернационални конкурси и натпревари за дизајн, на кои имам добиено награди и признанија во Русија, Италија, Македонија, Словенија, Србија, Шпанија и други. Исто така, сум работела на ентериери на станови и на кафетерии и ресторани. Еден препознатлив ентериер за моето портфолио е дизајнот на дрвените коцки на плафонот на слаткарницата „Палма“ во Карпош 4. Исто така сум претседател на организацијата „Мелеем“ од Скопје, со која организираме работилници за млади архитекти, каде дизајнираме урбана опрема за запуштени јавни простори во нашата земја. Досега имаме реализирано проекти во Скопје, Тетово, Прилеп, Штип, Битола и во Белград.

Сподели!
- Advertisement -