Сите економски оператори кои со одлука на Владата ќе бидат затворени овие две недели заради третиот бран на коронакризата ќе бидат опфатени со нови мерки. Од економскиот тим на Владата порачуваат дека во моментов приоритет е здравјето и заштита на здравјето на граѓаните, а за сите настанати штети во економијата како и досега државата ќе излезе во пресрет.
-За нас во Владата секое вбризгување на пари за помош на стопанството, на работниците, на нивната ликвидност, на потрошувачката ни враќа во Буџетот пари. Предвидено е да се покријат процент од приходите остварени во првите три месеци годинава во форма на директна помош, рече вчера премиерот Зоран Заев.
Тој нагласи дека како и во вонредната состојба, угостителските објекти кои вршат достава може да продолжат да го прават тоа и по полицискиот час со соодветни дозволи за движење.
-Дополнително во текот на денот може да продаваат храна и пијалаци од шалтер, тејк-веј или ту-гоу без послужување во самите локали. Ова секако ќе овозможи за поголемиот дел од нив да продолжат делумно да работат, посочи премиерот.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, пак, повтори дека не може да се дозволи да работат рестораните за свадби додека здравствената криза е во тек, но посочи дека за сите угостителски објекти кои се затворени овој период со одлука на Владата ќе следи економска поддршка и додаде дека Владата во неколку наврати спроведе сеопфатни мерки, во кои, како што кажа, рестораните за свадби беа една од целните групи.
-Лани веќе ги поддржавме, но имаме еден проблем со нив, а тоа е дека не можат да се одвојат од останатите, бидејќи мал број од нив се категоризирани според категоризацијата на Министерството за економија. Не може да направиме отстапки за да им се дозволи да работата додека е здравената криза во тек. Ќе направиме се што треба за да влезат во системот, да бидат категоризирани и соодветно да се постапи со нив во редовните програми на Министерството за економија и ако е потребно и со дополнителни мерки. Сега фокусот е на тие кои со одлука на Влада им забранивме да работат во овие две недели. Но, сепак сфаќаме, најтешко ќе се вратат во стопанството и размислуваме како за нив, така и за другите што се погодени да ги поддржиме со развојни програми и тоа ќе го направиме, прецизира Битиќи.
Според оценката на премиерот Заев, полнењето на државната каса оди според планираното, приходите се на повисоко ниво од преткризниот период од минатата година, а добрата кондиција на буџетот во првиот квартал и позитивните трендови што се препознаваат се должат на преземените мерки, но и на довербата на деловната заедница во мерките кои овозможија стопанството да не работи во грч туку да ја следи бизнис логиката дури и во вакви услови.
Премиерот смета дека владиниот стимул придонесе за двојно амортизирање на економскиот пад лани, поточно, според калкулациите на Министерството за финансии е амортизиран за 4,2 процентни поени и наместо пад од -8,7 отсто реалниот пад на економијата лани беше -4,5 проценти. Имплементирани се, како што вели, околу 70 мерки преку кои на граѓаните и на стопанството им биле ставени на располагање 860 милиони евра или 82 отсто од вкупниот план за износ на мерки. Од вкупно 70 усвоени мерки во рамки на сите четири пакети, во тек е имплементацијата на 21 мерка во вредност од 30 милиони евра, додека имплементацијата на седум мерки во вредност од 150 милиони евра се во собраниска процедура и се надева дека пратениците бргу ќе дадат зелено светло и на овие мерки.
Првиот пакет антикризни мерки е имплементиран со 90,1 отсто, вториот пакет мерки е 100 отсто имплементиран, третиот пакет 75,4 отсто и четвртиот пакет 72,7 отсто, а некои од мерките од третиот и четвртиот пакет се реализираат во текот на оваа година, така што вкупната имплементација на мерките во однос на планот може да се зголеми, па дури може да достигне и до 99 отсто имплементација.
Доколку не биле преземени мерките како субвенции за плати, придонеси од плати, платежни картички и сите мерки кои беа донесени, според оценката на премиерот Заев, падот на приватната потрошувачка би бил речиси двојно поголем, односно -11,8 отсто, наместо -5,6 отсто колку што изнесува според објавените податоци на Државниот завод за статистика.