Болестите на срцето се најчестата причина за смрт во светот, а еден од пет луѓе во развиените земји барем еднаш во животот има срцеви проблеми. Поради тоа француска компанија направи вештачко срце кое го заменува срцето кај луѓето кои чекаат трансплантација.
Битно е да се спомене дека кај најтешките срцеви заболувања во најголем број случаи трансплантацијата е единствениот прифатлив третман. Меѓутоа, во тој случај отежнувачки фактор е тоа што пациентите поминуваат години чекајќи ја трансплантацијата.
За да им олесни на пациентите кои чекаат трансплантација, француската компанија Carmat направи целосно вештачко срце кое ќе го заменува вистинското се додека не се најде соодветен донатор. Вештачкото срце има форма слична на човечкото, тежи околу 4 килограми и функционира со помош на два пакети батерии во траење од четири часа, по што уредот преминува на главно напојување.
Вградените сензори го утврдуваат крвниот притисок, а како одговор алгоритамот го контролира протокот на крв во реално време. „Функционира како човечкото срце. Ако пациентот се движи, протокот на крв се зголемува, а доколку мирува, протокот на крв е стабилен и помал” велат од Carmat.
Деловите од срцето кои се во контакт со крвта на пациентот се направени од материјал кој е компатибилен со човечкото тело, а се со цел да се намали ризикот од несакани реакции. Уредот нема потреба од одржување кога ќе се вгради хируршки во телото. Досега 19 пациенти го добиле овој уред во рамките на тестирањето, а во декември минатата година компанијата доби CE ознака, што и овозможува производот да го продава во ЕУ. Минатиот месец доби и одобрение за почнување на физибилити студија за да добие одобрение и од американската Управа за храна и лекови.
Во Carmat се надеваат дека своето вештачко срце ќе почнат да го продаваат и во Германија до крајот на јуни годинава. До крајот на годинава сакаат да направат 20 вештачки срца кои ќе ги продаваат во болници по цена од над 160.000 евра. Иако моменталниот дизајн е соодветен за најголем дел од припадниците на машкиот пол, сегашното срце е преголемо за мноштвото жени.
(CNN)
(фото: Carmat)