„Сител“, „Канал 5“ и „Телма“ биле најгледани телевизии на почетокот на годинава

- Advertisement -

„Сител“, „Канал 5“ и „Телма“ биле трите телевизиски канали што биле најгледани од граѓаните во земјава, покажува истражувањето за досегот на радиостаниците и за уделот во вкупната гледаност на телевизиските станици, за првиот квартал од 2021 година на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Бројот на граѓани што гледаат телевизија во земјава останал висок и во првите три месеци до 2021 година. На прашањето „Дали вчера во текот на денот гледавте телевизија?“, 80,7 отсто од испитаниците во анкетното истражување потврдно одговориле на прашањето, додека 19,3 отсто одговориле со „не“. Помеѓу возрасни групи, младите меѓу 10 и 19 години процентуално најмалку гледаат телевизија, иако мнозински 75,1 отсто од нив сепак одговориле дека седат пред телевизиските екрани. Наспроти нив, дури 90,5 отсто од граѓаните на возраст од 60 до 70 години гледале телевизија.

- Advertisement -

На прашањето „Кои домашни и странски канали ги гледавте вчера?“, најголем дел од испитаниците (42,25 отсто) одговориле дека ја гледале телевизија „Сител“, 40,83 отсто потврдно одговориле за телевизија „Канал 5“, додека 17,5 отсто за телевизија „Телма“. По нив, следуваат „Алсат-М“ со 16,63 отсто, „МТВ 1“ со 16,54 отсто и „24 Вести“ со 15,83 отсто.

Анкетата на ААВМУ покажува дека граѓаните го поминуваат своето време пред телевизор најмногу за следење на вести. 40,8 отсто од испитаниците одговориле дека гледаат вести, во однос на прашањето за тоа какви содржини најчесто гледаат на телевизиските канали што се емитуваат на државно ниво. Воедно, 23,3 отсто од анкетираните лица одговориле дека следат информативни емисии, додека забавна и музичка програма гледаат 9,1 отсто од нив.

- Advertisement -

Во однос на радио-станиците, 77 отсто од испитаниците во анкетата одговориле дека не слушаат радио, додека 23 отсто од нив потврдно одговориле на прашањето дали во текот на вчерашниот ден слушале радио. Најслушана радио-станица е Антена 5 (8,8 отсто), по што следуваат Канал 77 (4,2 отсто) и Македонско радио (3,5 отсто).

Истражувањето на ААВМУ е спроведено на репрезентативен примерок од 2.400 испитаници преку телефонско интервју со помош на компјутер и употреба на полуструктуриран прашалник.

- Advertisement -

(Meta.mk)

Сподели!
- Advertisement -