Mayflower 400, првиот паметен брод без екипаж во светот, чека наредба во пристаништето Плимут, Англија, за да тргне на пат преку Атлантскиот Океан, за каде што ќе исплови на 15 мај.
Бродот е долг 15 метри и тежок 9 тони, а може да носи самостојни одлуки и целосно автономно да плови. Прекриен е со соларни панели и на својот пат може да ја проучува околината, да го анализира присуството на пластика во водата и да ги следи морските цицачи.
Океанот е најмоќната сила на планетата која ја регулира нашата клима, вели Брет Фанеуф, основач на здружението ProMare и архитект на проектот. Повеќе од 80% од океаните се неистражени затоа што се големи и поради опасноста која демне таму, додава тој.
Бродот без екипаж овозможува проширување на научните студии, велат експертите. Бидејќи во проектот се вклучија и други компании и стотина луѓе од Индија до САД, преку Јапонија и Швајцарија, станува збор за светски потфат.
Бродот треба да исплови на 15 мај, во зависност од метеоролошките услови, и за две недели да стигне во другиот Плимут во Масачусетс, следејќи го патот кој пред 400 години го поминал оригиналниот Mayflower, кога стотина англиски верници испловиле за Новиот свет.
(Zimo)
(фото: Mayflower400.uk)