Новата фабрика на ЛЕАР во ТИРЗ Тетово ќе отвори до 1500 нови работни места

- Advertisement -

Во Технолошко индустриската развојна зона во Тетово денеска е поставен камен темелник на нова заедничка инвестиција на американската компанијата „ЛЕАР“ и „Нормак Инвестмент Груп“, која ќе отвори можност за вработување до 1500 лица.

Станува збор за инвестиција од 15 милиони евра, односно втор  производниот погон кој што се гради на површина од 8 илјади метри квадрати, а плановите на инвеститорот се до ноември 2021 година објектот да биде завршен.  

- Advertisement -

На настанот се обрати премиерот Зоран Заев кој истакна дека фабриката на американската компанија која е светски лидер за седишта на возила со високи перформанси водечки во оваа индустрија, располага со врвна технологија и производни капацитети за сечење кожа и платно.

-Ваквите големи инвестиции се поддржани од државата и инвеститорите имаат големи поволности и низа олеснувања во повеќе фази низ процесот на инвестирањето. За сметка на тоа овие инвестиции даваат голем придонес за локалниот регион во контекст на вработување, развој на човечкиот капитал, дополнително ја подобруваат извозната структура креирајќи производи  со повисока додадена вредност.  Исто така го подобруваат технолошкото ниво на економијата, а се подобрува и пристапот до меѓународните пазари на капитал, рече Заев. 

- Advertisement -

Тој нагласи дека и во услови на пандемија Владата силно се залага за одржување и зајакнување на економската активност и укажа на шесте пакети на економски мерки со кои беше поддржано стопанството и граѓаните, а паралелно, нагласи, работиме и на подобрување на деловниот амбиент на среден и долг рок.

-Оваа голема корпорација овде е пример дека ниту еден ден за време на пандемијата не застана. Функционираше, работеше и го зголемуваше своето производство и својот извоз. Но, дефинитивно влезот во НАТО, имплементирањето на структурните економски реформи се основа која на македонската економија и овозможува здрав и одржлив развој.  Дополнително и овој пример на јавно приватно партнерство се покажа како исклучително успешен модел. ТИРЗ во Тетово функционира како јавно приватно партнерство помеѓу Владата и НОРМАК Инвестмент груп во сопственост на приватни и државни компании од Норвешка. Задоволство е што светски реномирани компании како што е ЛЕАР која е на листата на Форчн 500 работат и во нашата земја, нагласи Заев.  

- Advertisement -

На настанот се обрати и министерот за економија, Крешник Бектеши, кој најави дека при крај е изработката на Законот за финансиска поддршка на инвестиции каде се предвидени неколку новитети, меѓу кои согласно моделот за рамномерен регионален развој сите компании кои ќе инвестираат во помлаку развиени региони во земјава ќе добијат поголема поддршка согласно класификацијата на Бирото за регионален рамномерен развој. Дополнително на тоа ќе се зголеми поддршката за сите наши сограѓани кои живеат и работат надвор од државата, а ќе решат да инвестираат во државата. Досега, рече, оваа поддршка изнесуваше 10 отсто, а со измените ќе се зголеми до 20 проценти.

-И во време на пандемија преку уредбата со законска сила за финансиска поддршка за конкурентност, потикнување на претприемништвото и иновации поддржавме над 400 компании во државата и домашни и странски и секако дека и оваа година продолжуваме во таа насока. Ова покажува дека се препознатливи политиките кои ги имплементира Владата, рече Бектеши и најави дополнително олеснување на условите за привлекување инвестиции.

Претседателот на бордот на директори на „Нормак Инвестмент Груп“, Аки Етеми по повод новата инвестиција посочи дека од своето формирање до денес, во ТИРЗ Тетово вкупно се инвестирани над 40 милиони евра, а тој континуитет се задржа и во време на пандемијата. Особено значајно за зоната е, вели, нејзиното инфраструктурно поврзување со автопатот Скопје – Тетово.

Имајќи ги предвид законските можности и условите кои ги нуди ТИРЗ Тетово, домашните компании исто како и странските можат да ги користат поволностите за инвестирање во зоната. Ние како компанија продолжуваме со нашите активности за да креираме дополнителна вредност во работењето на ТИРЗ Тетово. Следната цел на „Нормак Инвестмент Груп“ е да направат меѓународна препознатлива технолошка и индустриска развојна зона, која обезбедува стопроцентна зелена енергија за сите инвеститори во зоната, и се грижи за животната средина, рече Етеми.

Директорот на Дирекција за технолошки индустриски развојни зони, Јован Деспотовски во своето обраќање рече дека оваа компанија веќе исплаќа плата која што е на ниво на просечната плата на држава, а тоа е 10 проценти повисоко од просекот во зоните. Посочи дека приоритет е да се подигне животниот стандард на луѓето.

-Ова денеска е уште еден показател дека оваа Влада знае да го искористи инвестицскиот потенцијал на инвеститорите, реалниот потенцијал. Најдобар доказ за тоа се 1350 вработени од овој регион, кои минатата година земаа 22 проценти повисока бруто плата во однос на 2019 година, и тоа е реална последица и на заложба на Владата за да подигне животниот стандард на луѓето во овој регион, рече Деспотовски.

Како што додаде, компанијата веќе во својот деловен план се обврза за новата инвестиција со значително покачување на плати во одредени средини. Надополни дека во разговори што ќе следат, ќе се обидат тоа покачување да биде уште повисоко.

Деспотовски појасни и дека дополнителни резултати за посветена политика на Владата во делот на поттикнување на домашни и странски инвестиции, е и фактот дека имало рекорден прв квартал во 2021 година, во делот на економска активност во зоните.

На настанот присуствуваше и првиот заменик претседател и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, а се обратија  градоначланичката на Тетово Теута Арифи, претседателот на Стопанска комора на Северозападна Македонија Неби Хоџа и норвешкиот амбасадор Јорн Еугене  Гелштад. ас/бт/вг/ 

(фото: МИА)

Сподели!
- Advertisement -