Откако видеосервисот на YouTube минатата година ја отстрани опцијата community captions, многу корисници беа незадоволни затоа што ја користеа алатката за да имаат превод на видеата. Меѓутоа, YouTube работи на ново решение.
Android Police пишува дека YouTube тестира нова алатка која автоматски преведува од англиски јазик на јазикот што го користи корисникот. Одреден број корисници на YouTube веќе ја забележаа опцијата превод за насловите на видеата, описи и closed captions, односно текстуална верзија на говорот на видеата на веб, на десктоп и на мобилната апликација.
Досега корисниците забележаа автоматски превод од англиски на португалски и од англиски на турски јазик. Колку е широка заедницата која е опфатена со тестирањето засега уште не е познато.
Се разбира, Google има AI технологија за ширење на оваа алатка, а нивната алатка Translate е најпопуларна на интернет и поддржува 108 јазици. YouTube е глобален сервис, а локализирани верзии постојат во над 100 земји.
(Klix.ba)
(фото: Pixabay)