Се отвори Институт за дизајн и технологија – ИДТ Скопје

- Advertisement -

Интервју со Крсто Златков, генерален менаџер на новоотворениот Институт за дизајн и технологија  – ИДТ Скопје.

Разговараше – Верица Јорданова


Што претставува Институтот за дизајн и технологија – Скопје?

„Институтот за дизајн и технологија – Скопје“ или скратено „ИДТ Скопје“ е резултат на нашето децениско искуство од областа на неформалното образование, но и искуство во работа на голем број проекти поврзани со дизаjнот, применетите уметности и новите технологии.

Во суштина имаме две клучни мисии или [т.н два столба] и една јасна визија. Првата мисија е во насока на нашата примарна дејност, едукацијата, и тоа: Развивање на нови образовни модели и нивно постојано усовршување преку изучување на најновите технологии и дизајнот со цел доедукација, специјализација и преквалификација на врвен кадар, подготвен да создава со пасија и иновира со љубов.

Втората е во насока на подобрување на севкупниот образовен и општествен систем, особено во време кога креативната индустрија стана примарна стратегија за економски раст и развој во сите земји во светот. Тука мислиме на развој на иницијативи и проекти, произлезени од самиот Институт и менторите, но и поддршка на проекти и иницијативи од останатите стејкхолдери [партнерски организации, стартап-компании, институции итн.] чиишто проекти се поврзани со образованието или креативната индустрија.

Во однос на визијата, ИДТ е спој на формалното и неформалното образование со индустријата преку својот центар за истражување, развој и кариера. Формално образование за средношколци и студенти, неформално образование за доедукација и преквалификација на кадри и развој на проекти и иницијативи или едноставно кажано, ИДТ е многу повеќе од еден неформален тренинг-центар.

Кои производи, услуги и проекти се дел од моменталното портфолио на ИДТ?

Во рамките на Институтот е и нашата Школа за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“ којашто веќе десетта година по ред креира академии, курсеви, работилници и предавања oд областите на дизајнот и уметностите. Овие програми годишно ги посетуваат над 200 студенти и курсисти. Дополнително, во делот на едукација, ИДТ најавува и четири нови академии од областа на ИТ- индустријата, и тоа: Академија за Product Owners, којашто воедно е прва и единствена на пазарот; Академија за веб дизајн со фокус на UX/UI, font-end програмирање и WordPress и можност за доедукација во делот на веб- програмирање; како и Академии за мануелно и автоматско тестирање.

- Advertisement -

Активно работиме и на нашите проекти. Горди сме на Скала Магазин како прва студентска дигитална платформа за дизајн и современа уметност којашто ги промовира домашните млади креативци и независни автори, но и медиум којшто веќе една година активно ги поддржува културните настани и сцена. Скала зa многу брзо време прерасна во „глас на новата сцена“, а денес на заедничка радост и многу труд на целиот тим, го имаме и нејзиниот прв печатен број.

Дополнително, тука е и нашиот нов проект „Smart School“ поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој. Се работи за проект којшто настана како одговор на пандемијата и потребата за учење од далечина. Со Smart School целосно ги дигитализираме најпопуларните наставни програми и истите ги комбинираме во нови уникатни онлајн производи. Сите програми се бесплатни за млади лица до 30 години кои, поради пандемијата, го изгубиле своето работно место, со цел нивна доедукација или преквалификација за започнување нова кариера во креативните индустрии.

Кои луѓе стојат позади овие едукативни програми?

Како и досега, нашите соработки се со навистина силен и стручен тим со големо искуство и експертско знаење. Дел од менторите кои го препознаа Институтот се магистри, доктори на науки и универзитетски професори со богато практично искуство во истата дејност во којашто предаваат, како и луѓе кои се активни чинители во дизајн и ИТ-заедницата.

Кои се вашите досегашни партнери и што значи да бидеш партнер на ИДТ?

Партнер може да биде секој правен субјект (здруженија, стартапи, компании, институции итн.) коишто со својата дејност или проект/-и се дел од образование, креативни индустрии, иновации, технологии.

Да си партнер на ИДТ значи дека можеш да соработуваш во два домени – едукација и развој на проекти и иницијативи. Во делот на едукација, можностите се креирање на заедничка програма, менторирање, разработка на проект од страна на студентите, регрутација на кадар и сл. Во делот на проекти и иницијативи, ИДТ може да помогне во нивниот развој и имплементација преку вмрежување со нашите ментори и студенти, користејќи ја нивната експертиза и знаење од областа на дизајнот, креативното размислување, информациските технологии и применетите уметности во сите фази на развој: прототипирање на производ со помош на наша опрема и користење на простор; изнаоѓање на финансии и инвестиции преку нашиот правен тим на советници и сектор за развој; помош во маркетирање на производите; градење на визуелен идентитет итн.

- Advertisement -

Во моментот, наши партнери се: EAPTI Gestalt Institute Skopje, New Moment, SmartUp, Generation Impact, Solveo, Министерство за култура, Re-Culture (Нови Сад), Qodix и DMaker. Во моментот работиме и на проширување на нашата партнерска мрежа, па сите заинтересирани можат да ни пишат на нашата официјална веб-страна www.idt.mk 

Што да очекуваме оваа година?

Оваа година се посветуваме на две главни цели: во делот на едукација, ги очекуваме новите студенти за осумте академски програми од ИТ и дизајн, чиишто уписи официјално започнаа денес. Во делот на проекти и иницијативи, успешно да ги реализираме веќе отпочнатите, како и новите коишто наскоро ќе бидат претставени во јавноста.


Сподели!
- Advertisement -