Скопје, 28 мај 2021 (МИА) – Преку новата кредитна линија на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за Охридска банка во износ од два милиони евра, поголем број на домаќинства во земјава ќе можат да инвестираат во подобрување на енергетската ефикасност.
Охридска банка ќе ги пласира кредитите на домаќинства во приватна сопственост за инвестиции во енергетска ефикасност, како што е изолација, прозорци, пумпи за загревање и соларни панели. По успешното завршување на проектите, кредитобарателите ќе добијат поврат на средства во износ од 20 отсто од сумата на кредитот.
Финансирањето е дел од Програмата за поддршка на зелена економија (Green Economy Financing Facility – GEFF) за Западен Балкан, во износ од 135 милиони евра, која поддржува решенија за енергетската ефикасност, во насока на изградба на позелена и поодржлива економија. Програмата е поддржана од Европската Унија, Инвестициска програма за Западен Балкан и Австриското федерално Министерство за финансии.
-Поддршката на зелените инвестиции е една од нашите клучни приоритети и ни претставува задоволство што заедно со донаторите и Охридска банка ги поддржуваме овие активности во земјата. ГЕФФ (GEFF) е успешен механизам за реализација на овие цели и ни претставува задоволство што продолжуваме да ја прошируваме поддршката преку оваа програма, изјави Анди Аранитаси, претставникот на ЕБОР за Северна Македонија.
ГЕФФ во Северна Македонија е пласирана во над 2.000 домаќинства и додели кредити во износ од над 15 милиони евра за индивидуални проекти преку финансиските институции кои придонесуваат во заштеди на над 10 милиони киловат часови енергија и намалување на емисии од над 4.000 тони на јаглероден диоксид на годишно ниво. Најчесто финансираните технологии се прозорци и врати, изолација и пумпи за затоплување.
ГЕФФ Програмата се имплементира под програмата Регионалната програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан , финансирана од ЕУ и реализирана во партнерство со Секретаријатот за енергетска заедница. До денес над 7.000 домаќинства на Западен Балкан ја подобрија енергетската ефикасност преку ГЕФФ Програмата, со инвестиции во проекти кои придонесуваа во намалување на над 10.000 тони на јаглероден диоксид годишно, што е исто како во сообраќајот да има помалку 6.000 автомобили.
ЕБОР досега има инвестирано над 2,14 милијарди евра преку 143 проекти. Банката се фокусира на проширување на локалниот приватен сектор, промовирање на регионалната и меѓународната интеграција и одржливо користење на ресурсите во земјата.