Извесно е дека опоравувањето на економијата од ефектите од Ковид-19 кризата започна. Од почетокот на годината се забележуваат позитивни економски резултати и глобално и кај нас, вели министерот за финансии Фатмир Бесими во својата колумна објавена вчера, во која порачува „антикризни мерки се’ додека економијата не застане на здрави нозе“
Од почетокот на кризата, како што потсетува, донесени се шест пакети мерки во вредност од околу 1,2 милијарди евра. Тоа е околу 11 отсто од БДП. Вкупниот фискален стимул ги опфаќа не само директните буџетски трошоци, туку и даночните олеснувања и ослободувања, расположливите гаранции и сл. За споредба, согласно податоците на ММФ, фискалниот стимул во земјите во регионот се движи од 2,4 отсто од БДП во Бугарија, 3 отсто Босна и Херцеговина, 3,3 отсто во Албанија, 4 отсто во Црна Гора, 5 отсто Косово, 7 отсто Хрватска, Србија со 13,6 отсто и Грција и Словенија со околу 14 отсто од БДП.
Согласно податоците на Меѓународниот монетарен фонд, најголем број од земјите, продолжуваат со фискалниот стимул и во 2021 година, како земјите од регионот, така и равиените земји.
-Препораките на ММФ, потенцира, се во насока да се продолжи со поддршка на стопанството и граѓаните, се’ додека трае заздравувањето. Еден од аспектите е дека корпоративниот сектор има потреба од поддршка поради проблеми со ликвидноста и солветнтноста во време на криза, особено кај контакт-интензивните индустрии, како и кај микро и малите претпријатија. Вториот аспект е дополнителна заштита на финансискиот систем, односно дека без интервенција на фискалната политика, може да дојде до висок раст на нефункционални кредити од фирми кои ќе се задолжат за да ги надминат последиците од кризата, а нема да бидат потоа во можност истите да ги сервисираат.
Министерот посочува дека стојалиштето до кое дошле е дека е неопходно да се продолжи со поддршката на фирмите, но и на граѓаните (од социјален аспект) за да може да продолжи заздравувањето на економијата.
-Настојувањата, секако, ќе бидат во насока новите мерки кои ќе се носат да имаат истовремено и развоен карактер, односно покрај поддршката која ќе ја даваат да поттикнуваат и нови инвестиции, проширување на капацитетите и нови вработувања.
Оценува дека новите мерки ќе создадат потреба за нови финансиски средства, кои преку различни механизми, треба да се донесат до инвеститорите. -На тој начин, пораува, ќе се постигне повеќекратен позитивен ефект за економијата. Прво ќе се компензира падот на паричните дознаки од странство и намалените странски инвестиции (до моментот на нивно задоволително закрепнување). Второ, ќе се избегне ефектот на „истиснување“ на реалниот сектор, односно достапноста на капитал за стопанството од домашни извори на финансирање.
-По еврообврзниците во 2020 и 2021 дојде до релаксација на монетарната политика, односно забрзување на растот на паричната маса од 8 отсто пред почетокот на кризата на 10,1 отсто, како и намалување на каматните стапки на пазарот на пари на историско најниско ниво на 1,25 отсто во март 2021 година. Може да се заклучи дека финансирањето на буџетските дефицити преку странски извори, од една страна ќе го стимулира економскиот раст, а од друга создава услови за релаксација на монетарната политика, наведува во колумната.скс/са/