Со новата Фискална стратегија проекции за стапки на раст над 5 отсто и намалување на невработеноста на 8,6 проценти до 2026

- Advertisement -

На среден рок, стапките на економски раст ќе надминат 5 проценти, стапката на невработеност ќе се намали на 8,6 проценти, додека стапката на вработеност ќе се искачи на 54,3 проценти, просечната плата ќе расте со просечна стапка од околу 4 проценти, бруто-инвестициите ќе се зголемат до 36,2 проценти во 2026,  додека извозот ќе расте со просечна стапка од околу 8,8 проценти. Ова се проекции дадени во Фискална стратегија 2022-2024, со изгледи до 2026 година, што беше усвоена на синоќешната владина седница. Со стратегијата, како што соопшти денеска Министерството за финансии се продолжува добрата пракса, што  ја воспостави оваа институција со претходната ревидирана фискална стратегија за подолгорочно планирање, со проекции за пет наместо за три години.

Како што се наведува во соопштението од МФ, согласно основното среднорочно сценарио, економскиот раст во 2021 година е проектиран на 4,1 процент, а во периодот 2022-2026 година се предвидува просечен годишен раст од 5,4 проценти. Основното сценарио се заснова на стојалиштето дека економијата ќе заздрави во 2021 година, по што ќе се интензивира економскиот раст. Државната поддршка преку различни економски мерки ќе продолжи во 2021 година, со цел поддршка на домашната економија за нејзино побрзо заздравување и создавање основа за повисок економски раст на подолг рок. Во однос на надворешното окружување, се очекува постепено стабилизирање на глобалните синџири за снабдување, раст на странската побарувачка, кои заедно со намалените притисоци од пандемијата во глобални рамки, се очекува да влијаат поволно врз домашните економски текови во наредниот период, како врз трговската размена, така и врз инвестициите и потрошувачката. Поволното меѓународно окружување и процесот на масовна имунизација во земјата се очекува да влијаат позитивно врз очекувањата и довербата на домашните економски субјекти и склоноста за инвестирање и потрошувачка.

- Advertisement -

Според МФ, инвестициите ќе имаат значајна улога во заздравувањето на економијата и нејзиното постепено интензивирање.

„Реалниот раст на бруто-инвестициите е проектиран на 8 проценти во 2021 година, а во периодот 2022-2026 година инвестициите се очекува да забележат просечен годишен раст од 8,8 проценти. Растот на инвестициите се заснова на очекуваниот раст на приватните инвестиции, во услови на постепено зголемување на довербата на деловните субјекти, поинтензивен прилив на странски инвестиции, очекуваниот фискален импулс, кој ќе биде канализиран преку зголемени капитални расходи, но и зголемена поддршка за развој на приватниот сектор и зајакнување на конкурентноста, поддршка на иновативната дејност и технолошкиот развој на претпријатијата“, посочуваат од Министерството за финасии.

- Advertisement -

Извозот на стоки и услуги, со исцрпување на неповолните економски ефекти од пандемијата, заздравување на глобалните синџири на производство и на надворешната побарувачка и повисока искористеност на производствените капацитети во земјата, се предвидува да забележи реален раст од 10,6 проценти во 2021 година. На среден рок, во услови на очекувано стабилизирање на растот на надворешната побарувачка и зголемување на извозниот потенцијал во земјата преку прилив на странски инвестиции, извозот се очекува да има силен придонес врз економскиот раст, односно е предвидено да забележи просечен реален годишен раст од 8,8 проценти  во периодот 2022-2026 година.

Според основното макроекономско сценарио, во 2021 година се очекува раст на бројот на вработени од 1 процент, додека во периодот 2022-2026 година, вработеноста е предвидено да расте со повисоко темпо, односно е проектиран просечен годишен раст од 3,6 проценти. Растот на вработеноста во овој период се очекува да се одрази и врз понудата на работна сила, која е проектирано во просек годишно да се зголемува за 1,7 проценти. Ваквите движења на пазарот на трудот ќе придонесат просечната стапка на невработеност во 2026 година да се намали на 8,6 проценти, додека просечната стапка на вработеност да се зголеми на 54,3 проценти. Растот на просечната нето-плата во овој период се очекува да изнесува 3,8 проценти годишно на номинална основа, со изгледи за умерено интензивирање на растот во чекор со продуктивноста.

- Advertisement -

Фискалната политика во периодот 2022-2026 се карактеризира со определбата за натамошно зајакнато управување со јавните финансии и фискална одржливост, која треба да придонесе за задржување на макроекономската стабилност и етапна фискална консолидација. Приоритетите на среден рок ќе бидат насочени кон справување со последиците од пандемијата, преку зголемување на обемот на инвестициите со директна поддршка на активностите на компаниите, унапредување и олеснување на инвестициската клима, отварање нови работни места преку активните мерки за вработување, како и поддршка и развој на микро, мали и средни претпријатија. Во среднорочниот период, фокусот на фискалната политика останува на обезбедување значително ниво на јавни инвестиции, кои се предуслов за подобрување на економските перспективи, како и подобар живот на граѓаните.

Вкупните приходи на Буџетот на РСМ (централeн буџет и фондови) за периодот 2022-2026 година, посочуват од МФ, се планирани во висина од околу 31,3 проценти од БДП. Просечното учество на вкупните расходи на Буџетот на Република Северна Македонија во периодот 2022-2026 година изнесува околу 34,4 проценти од БДП.

„Заложбите за постепена фискална консолидација остануваат приоритет, проектирано е постепено намалување на буџетскиот дефицит до 2,2 проценти во 2026 година, односно 4,3 проценти во 2022 година, 3,5 проценти во 2023 година, 2,9 проценти во 2024 година, 2,5 проценти во 2025 година и 2,2 проценти во 2026 година. Примарниот буџетски дефицит (буџетскиот дефицит без каматните плаќања), исто така, континуирано ќе се намалува од 3 проценти од БДП во 2022 година до постигнување на ниво од 1,2 проценти во 2026 година“, соопшти Министерството за финансии.

(МИА)

(фото: Piqsels)

Сподели!
- Advertisement -