Матурантот Петар Илиев од НОВА: Стипендијата „Борис Трајковски“ ми го отвори патот до универзитетот во Тексас

- Advertisement -

Изборот на факултет е првата потешка одлука во животот со која се соочуваат средношколците. Но, кога треба да се одлучи меѓу неколку силни универзитети во САД, Канада и Европа, каде што ученикот веќе има загарантирано место, тогаш навистина одлуката не е лесна. На такви слатки маки до неодамна беше матурантот од меѓународното училиште НОВА, Петар Илиев, кој од мноштвото реномирани светски универзитети кои ја прифатија неговата апликација го избра University of Texas at Austin каде што од следната академска година ќе студира компјутерски науки.

Илиев, кој стана ученик во НОВА благодарение на стипендијата „Борис Трајковски“, вели дека бил исправен пред многу тежок избор бидејќи станува збор за престижни факултети. Сепак, се решил за универзитетот во Остин поради квалитетот на образовната програма за компјутерски науки која е меѓу десетте најдобри во САД. Комплексот за компјутерски науки на универзитетот е инвестиција на компанијата Dell и на Бил Гејтс, а најпознатите компании како на Tesla, Google и Apple имаат свои канцеларии во градот Остин и инвестираат во неговиот економски напредок. Сите овие фактори, како и тоа што Остин нуди многу можности за пракса од областа на компјутерските науки, поволни услови за студентски живот и добра локација, биле пресудни за Петар да ја насочи својата академска кариера кон Тексас.     

- Advertisement -

При изборот на факултет се фокусирав претежно на САД бидејќи можностите за образование и кариера за некој во областа на компјутерските науки се поголеми и пошироки отколку во Европа. И покрај тоа што Европа има многу квалитетни универзитети, јас сепак би сакал да сум на местото каде индустријата која ја изучувам е поразвиена од кое било друго место во светот. Покрај тоа, отсекогаш имав желба да ги искусам САД на некој период, па студирањето беше совршена прилика за тоа – вели Петар.  

Процесот на аплицирање за универзитет во САД бил многу подолг и потежок отколку аплицирањето во Македонија или во другите места низ Европа. Причината за тоа, според Петар, е што бидејќи американските универзитети го гледаат апликантот како целосна личност, а не само како бројка претставена од неговите оценки и тестови.

- Advertisement -

На пример, апликацијата имаше делови каде требаше да зборувам за своите активности надвор од училиште и да напишам неколку есеи поврзани за случки од мојот живот. Не би рекол дека имав некои посебни потешкотии при аплицирањето бидејќи почнав многу рано и имав време секоја пречка правилно да ја надминам. Сепак, мислам дека најголем предизвик беше самата опширност на апликациите, која особено доаѓа до израз кога имате 7-8 различни апликации – раскажува тој.

За неговиот сегашен успех најмногу им благодари на поддршката на Фондацијата „Борис Трајковски“ и на НОВА, кои му овозможиле да ја добиестипендијата која годишно ја добиваат само тројца или четворица ученици во земјава и преку неа да следи настава од светски акредитирани програми од типот на AP и IB. Во текот на средношколските денови во НОВА следел и специјални часови на кои добивал сознанија за процесите за аплицирање во различни држави, како и за предностите и слабостите на студирањето во различни држави.

- Advertisement -

Сепак, најголемата поддршка од НОВА беа искусните советници кои ни помагаа во процесот на аплицирање. Тие практично нѐ држеа за рака низ целиот процес, со тоа што ни ги проверуваа апликациите, ни даваа искрени совети и ни помагаа при секоја пречка. Ова многу убаво го согледав кога разговарав со пријатели од други средни училишта кои немаа специјализиран советник за факултет. Секоја пречка за нив значеше истражување на интернет со саати, додека јас можев само да ја контaктирам мојата советничка и да го решам проблемот – вели Петар.

Од студиите во САД очекува да бидат огромен предизвик на илјадници километри од дома, но и проширување на неговите знаења од компјутерските науки и програмирањето, со кое веќе се занимава.

Селењето во толку далечна земја ќе биде предизвик само по себе, но верувам дека тој предизвик ќе ме оформи во подобра и понезависна личност и очекувам дека САД ќе ми пружи многу нови животни искуства кои не сум имал прилика да ги доживеам овде. Не можам со сигурност да кажам ништо за моите идни планови бидејќи сѐ уште не сум размислувал доволно на оваа тема. Бидејќи ќе бидам корисник на стипендија доделена од МОН, ќе бидам обврзан да се вратам на некое време во Македонија и да ги искористам своето знаење и своите вештини во напредокот на нашата држава. Понатаму, веројатно би сакал да се вратам во САД и да ги искористам можностите кои ги нуди за напредокот на мојата кариера. Сепак, сето ова е за повеќе години отсега, така што можеби иднината ќе биде многу поразлична од она што очекувам – завршува Петар.   

Сподели!
- Advertisement -