Утре оглас за субвенционирање на дел од трошоците за вградување на плин во возилата

- Advertisement -

​Министерството за економија утре ќе го објави повикот за субвенционирање на дел од трошоците за купување и вградување уред за погон на ТНГ, метан или друг вид алтернативно гориво во возилата.

Министерството за економија, согласно зелената агенда утре ќе го објави јавниот повик за субвенционирање на дел од трошоците за купување и вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид алтернативно гориво во возилата, информира на денешната прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши.

- Advertisement -

Според огласот, како што појасни Бектеши, сите граѓани кои од утре ќе вградат ваков вид уред во своите возила ќе можат да остварат право на поврат од 50 проценти од средствата за вградување на плински уред, но не повеќе од 18 илјади денари, односи 300 евра. За оваа мерка од Буџетот на Министерството предвидени се 11 милиони денари.

– За да добијат субвенции, сопствениците на возила произведени од 2005 година па наваму треба да извршат купување и вградување уред за погон на ТНГ, метан или друг вид алтернативно гориво во возилата, по денот на објавувањето на јавниот повик во некои од фирмите кои вршат продажба и вградување на таквите уреди. Со така преправеното возило сопственикот треба да се упати во техничка служба која ќе ја констатира преправката и сопственикот ќе биде упатен во МВР каде треба да се пријави преправката, објаснува Бектеши.

- Advertisement -

Во МВР, на сопственикот ќе му се издаде упатница која треба да ја достави до техничката служба за да биде направена проверка на направената преправка. Техничката служба го прегледува возилото, изготвува записник и издава потврда за сообразност на вградениот уред и пропратно писмо. Со потврдата и писмото сопственикот се упатува на шалтер на МВР каде добива нова сообраќајна дозвола во која е евидентирана преправката, односно дека е монитиран уред за погон на ТНГ, метан или слично.

– Постапката од моментот на доаѓање во техничката служба, до издавањето на новата сообраќајнбата дозвола не трае повеќе од два до три дена. Документацијата потребна за пријавување на јавниот повик во архивата на Министерството е следна: Пополнето барање и изјава од подносителот на барањето, фискална сметка со сметкопотврда, копија од сообраќајна дозвола за возилото заверена на нотар во која е евидентирана промената, фотокопија од лична карта и број на трансакциска, каде МЕ ќе ги уплати субвенциите, појасни Бектеши.

- Advertisement -

Оваа мерка која произлегува од Законот за моторни возила, рече Бектеши, се однесува на две важни подрачја – сообраќајот и екологијата и се плод на барањата на граѓаните. Главна цел, како што додаде, е да се намали загадувањето на воздухот од страна на возилата.

Огласот ќе трае точно 60 дена од денот на објавување и ќе се одвива по принципот „прв дојден прв услужен”. Надоместок на дел од трошоците ќе се врши за само едно возило во едно семејство.

.

Сподели!
- Advertisement -