„Животниот стил на мојот град“ или оригинално на англиски: „MY CITY LIFESTYLE“ – идејата на млад тим составен од тројца иноватори од кои двајца Македонци – Мирослав Драганов и Елена Новотни Симјановски од Скопје и еден Србин – Немања Митровиќ од Белград, е избрана во топ осум најиновативни идеи и меѓу најдобрите две во категоријата „Урбана трансформација“ на свечената церемонија на далечина на Европскиот форум Алпбах 2021.
Сите членови на тимот се поранешни стипендисти на Европскиот форум Алпбах во Австрија, кој има 76 годишна традиција, почнувајќи од формирањето на Европската заедница за јаглен и челик непосредно по Втората светска војна. „Животниот стил на мојот град“ е директно поддржана во процесот на развивање од македонската софтверска компанија WIDNET Solutions.
Во август, нашите млади иноватори ќе развијат прототип и во финалето ќе ја презентираат оваа идеја во живо, на сцената на Европскиот форум Алпбах, кој годинава ќе се одржува во хибридна форма, и тоа пред многубројни светски инвеститори, научници, експерти, бизнисмени и носители на јавни функции.
Оваа година првпат се организира иницијативата „Предизвици“ во рамки на Форумот, при што можност да земат учество имале сите поранешни учесници на овој престижен форум (сега alumni) и членови на партнерските организации, а тоа се најмалку по 3.000 учесници од секоја година. Од нив над 500 се пријавиле на отворениот повик оваа пролет, над 400 учесници од 62 земји во светот започнале да работат во тимови за да креираат идеи кои наскоро би ги реализирале, при што се започнати над 80 идеи, а на крајот од процесот целосно завршени и поднесени се 50 идеи во четири категории. Од сите нив избрани се осумте финалисти од кои „Животниот стил на мојот град“ е меѓу најдобрите две во својата категорија, водена и поддржана од Erste Group, групација на банки чиј дел е и Шпаркасе банка, а топ осумте најиновативни идеи лично ги прогласи претседателот на Австрија, Александер Ван дер Белен, кој ги слушаше говорите на сите тимови.
Со ова финале, продолжува успешната традиција на освојување меѓународни награди на Европскиот форум Алпбах. Во 2009 година Мирослав Драганов беше победник на ораторската вечер, а во 2014 година првото место на истиот натпревар го освои Зоран Стефановски.