Со 50 милиони евра ќе се модернизира македонското земјоделство

- Advertisement -

Со 50 милиони евра ќе се модернизира македонското земјоделство. Планирана е изградба на откупно-дистрибутивни центри, зајакнување на капацитетите за ИПАРД, креирање на систем за отстранување на нус-производи од животниско потекло и обуки за земјоделците.

Најголем дел од средствата или 46 милиони евра се обезбедени од Светска банка, а четири милиони евра се грант средства од Европската комисија. Проектот е дел од четиригодишната рамка за соработка со Светска банка за што неодамна е потпишан договор.

- Advertisement -

Бенефит од проектот ќе имаат земјоделците, преработувачите, малопродажните ланци и потрошувачите, но импакт ќе има и врз целата економија.

Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа, најголемо значење за земјоделците ќе има првата компонента од проектот, за која ќе бидат одвоени 32 милиони евра. Во оваа компонента планирани се изградба на земјоделско-прехранбена платформа во Скопје, откупно-дистрибутивни центри во Струмица и Ресен и зголемување на пристапот до советодавни услуги за земјоделските производители и агро-бизнис секторот.

- Advertisement -

– Земјоделско-прехранбената платформа во Скопје, што ќе ги покрие и Полошкиот и кумановскиот регион, ќе содржи откупно-дистрибутивен центар, современи суви магацини, ладилници со перформанси кои досега не постојат во нашата држава, како и посебен технички центар кој ќе содржи станица за чистење и дезинфекција на камиони, помошна опрема за пречистителна станица и станица за рециклирање на отпад, појасни Хоџа на денешната прес-конференција во Владата.

Планирано е да се изгради и фабрика за нус производи од животинско потекло.

- Advertisement -

Министерот за финансии Фатмир Бесими смета дека овој проект е од исклучително значење за целокупната економија имајќи предвид дека учеството на земјоделството во БДП е околу 10 проценти.

– Ако се земе предвид дека половина од територијата на земјава е под земјоделска површина, потенцијалот за придонес на земјоделството во БДП е многу поголем. Потребни се системски решенија кои ќе обезбедат помасовно, поквалитетно, а со тоа и поконкурентно производство, вмрежување и креирање на добар систем за сигурен пласман на земјоделските производи и подобрување на институционалните капацитети, особено во насока на искористување на европските фондови, рече Бесими.

Средствата од Светска банка се добиени под поволни услови, со рок на отплата 12 години, со вклучен грејс период од четири години и со каматна стапка од шестемесечен ЕУРИБОР зголемен за фиксен распон, која во моментот изнесува 0,1 проценти.

– Преку овој проект очекуваме да придонесеме за повеќе работни места во руралните средини и да ги подобриме приходите со подобар пристап до пазарот, високо квалитетна обука и советодавни услуги, истакна директорот на Светска банка во земјава, Масимилијано Паолучи во видео обраќањето.

Земјоделството, како што посочи, останува под својот потенцијал поради неколку ограничувања, а тоа се слабата продкутивност, недостатокот до пристап на можности и ограниченото знаење на управување со бизнис и маркети од страна на малите производители на земјоделско производство.

Сподели!
- Advertisement -