Избрани победниците за 2021: библиотека за играчки, лушпи од портокал-суровина за масла и ароматизери, облека и додатоци за миленици од текстилен отпад

- Advertisement -

На 16 јуни „АРНО“ ги прогласи победниците од натпреварот „Зелени идеи“ 2021 кој и годинава се одржа во онлајн формат. Жири комисијата на натпреварот ги избра идеите „Прва библиотека за играчки“ на Горјана Боневска, „О-круг: Производство на есенцијални масла и ароматизери од отпадни лушпи од портокал“ на Марија Бургиева кои ќе се натпреваруваат за поддршка од 5000 долари, и идејата „Мини Ирина Тошева“ на модната дизајнерка Ирина Тошева  која ќе се натпреварува за поддршка од 10 000 долари на регионалниот натпревар.

За националните победници „АРНО“ и годинава обезбеди поддршка од партнерите: вредносни ваучери за консултантски услуги од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг „МКА2000 и бесплатна регистрација на платформата Connect2MK која ја менаџира „Македонија 2025“. За избраниот победник во категорија на зелени идеи е обезбедена и наменска менторска поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој,  бесплатно двегодишно членство во Стопанска комора на Северо-западна Македонија, пакет менторски услуги од „Македонија 2025“ или учество во нивната програма CESO SACO. И оваа година АРНО на победниците им доделува парични награди: 2000 американски долари за победникот од првата категорија и  ваучери од 1500 американски долари за победниците во категоријата зелени концепти.

- Advertisement -

На натпреварот годинава пристигнаа 33 апликации од кои вкупно 13  се натпреваруваа во  македонското финале. Жирито кое ги оценуваше пристигнатите апликации беше во состав на експерти од различни полиња и институции: Дриљон Исени од Стопанска комора на Северо-Западна Македонија, Игор Изотов – Програма за развој на Обединетите нации (УНДП), Робертина Брајаноска од Македонско еколошко друштво (МЕД), Габриела Мицевска- експерт за одржлив агробизнис (програма ИМЕ-Паладиум), Данчо Димков од Асоцијацијата за менаџмент и консалтинг МКА2000, Бранислав Марковски од Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР), Михаил Матески од Македонија 2025.

„Патот кон зелената економија не е пропратен со пластични зелени балони. Патот кон зелената економија не е зелено светло за се што светка зелено. Патот кон зелената економија не е лесен, исто колку што и транзицијата не е едноставна. И ние тоа го знаеме, и знаеме колку е тешко да се аплицира со бизнис модел во кој ќе се рефлектираат вредности, бизнис во кој во центарот е човекот и природата, и бизнис кој треба да опстои во еден суров свет кој до сега е учен да експлоатира суровини без да се праша дали некогаш ќе ги снема. И затоа ние сме многу благодарни што и оваа година, чудна, ужасна година, имаме луѓе кои размислуваат за бизнис модели  кои се мали, но се наши, локални и можат да бидат пример и инспирација за сите“ –  изјави Ирина Јаневска од  АРНО.

- Advertisement -

„ О-круг е здружение за промоција на одржливиот развој и социјалните бизнис модели. Со цел постигнување самостојна одржливост и потврдување на концептот, развиваме циркуларен бизнис модел во кој е предвидено преработка на биоотпад. Конкретно лушпи од портокал, од кои ќе се произведува линија на еко-продукти како природни есенцијални масла и освежувачи на воздух. Ние сме млади луѓе и се радуваме за победата. Се надеваме дека ќе и создадеме работни места посебно за младите од маргинализираните категории“ – Марија Бургиева, победник во категорија зелени концепти .

„ Со тимот ја развиваме зелената бизнис идеја за „Џагор“- првата библиотека за играчки. Сакаме да понудиме циркуларна алтернатива со можност за изнајмување  на квалитетни играчки, справи и помагала, достапни и за оние со минимални примања. Ќе бидеме лоцирани во Скопје, а ќе работиме на принципот: редуцирај, реупотреби, рециклирај. До нашите услуги и понуди ќе имаат пристап покрај семејствата и различните центри за грижа на деца, резиденции, хостели и сл. Значаен фокус ќе биде посветен и на децата со различни попречености кои кај нас ќе можат да ги пронајдат најсоодветните игри за нивните потреби“- изјави Горјана Боневска, победник во категорија зелени концепти .

- Advertisement -

„ Особена чест ми е што сум меѓу овогодинешните победници со идејата за под-етикета на мојот бренд „Мини Ирина Тошева“. Благодарна сум и за поддршката од жири комисијата која ми следува, како подобро би се подготвила и претставила на натпреварот во Србија, а која несомнено ќе помогне и на мојот бизнис. Се надевам дека ова ќе биде поттик и за јавноста да размислува повеќе „зелено“, затоа што и најмалите промени во секојдневните навики се голем чекор за нашето општество.“- Ирина Тошева, победник во категорија зелени идеи

„Зелени идеи“ е годишен натпревар кој поддржува развој на мали, локални и одржливи бизнис идеи во Албанија, Косово, Северна Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Грција и се одржува од 2012-та година. Секоја година по тројца претставници од секоја од земјите се натпреваруваат на регионален натпревар. Четворицата претставници кои ќе победат на регионалниот натпревар добиваат по 5.000 или 10.000 долари за реализација на нивните идеи во своите земји.   Здружението за социјални иновации „АРНО“, седма година по ред, го администрира националниот натпревар „Зелени идеи“ и се гордее што досега земјата има регионални победници и вкупна инвестиција од 70 000 долари за развој на зелени бизниси во земјата: Првата кооператива на органски потрошувачи „Наша добра земја“ (2015 год.), инцијативата за репарирање на стар мебел која прерасна во мал бизнис воден од архитектката Марта Мојсова – „СПИН“ (2016 год.), платформата за продажба на евтини оброци „Храна за сите“ (2017 година), едукација преку илузионистички еко-пораки „Грин меџик продакшн“ (2017 год), „ Био смарт ориз“ производство на ориз на одржлив начин (2019), „Challenger“ мобилна апликација која ги наградува граѓаните за сите зелени километри поминати со пешачење (2019) и минатогодишната победничка идеја „Вајс адитив“ која произведува прехранбен адитив со преработка на комиње (2020).
Сподели!
- Advertisement -