11 проектни тимови се дел од првиот Хакатон “Е-Здравство” на ФИТР и Рош Македонија

- Advertisement -

Вкупно 11 проектни тимови се дел од првиот Хакатон “Е-Здравство”, кој се одржува овој викенд, на кој учесниците ќе развиваат креативни и иновативни решенија за подобрување на здравјето на граѓаните. Хакатонот се реализира во рамките на Програмата за корпоративна иновативност на ФИТР, во соработка со корпоративниот партнер Рош Македонија и Министерството за здравство. Воведни обраќања на официјалното отворање на хакатонот имаа: заменик министерот за здравство, Илир Хасани, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров и Александар Смоковски, претставник на Рош Македонија.

“Навистина ми претставува задоволство да присуствувам денес на овој онлајн состанок при што сакам да ја изразам мојата безрезервна поддршка на тимови кои ќе спроведат креативни електронски решенија за унапредување на здравјето на населението. Целта на оваа платформа е да потикнува брзи иновативни решенија за здравствените проблеми, овозможувајќи им комуникација помеѓу тимовите. Неопходно е да се постигне соработка и интеракција помеѓу здравствените институции и организации, здруженија на пациенти, локални компании и универзитети, за да се постигне крајниот производ благодарение на заедничката посветеност на експерти од сите споменати полиња” изјави Илир Хасани, заменик министер за здравство на Р. Северна Македонија.

- Advertisement -

Во текот на викендов, 40 учесници организирани во единаесет проектни тимови со стручна поддршка на ФИТР, Рош Македонија и Управата за електронско здравство, ќе работат на развој на иновативни дигитални решенија во две категории: подобрa превенција и менаџирање Ковид-19, особено кај високоризични групи на пациенти и унапредување на женското здравје. Избраните решенија ќе бидат целосно и бесплатно достапни до сите граѓани на Република Северна Македонија, најмалку во рок од една година по завршувањето на проектот.

„Изминатиот период согледавме колку е важна брзата и безбедната соработка меѓу здравствените институции. Токму затоа, заедно со нашиот партнер Рош Македонија, започнавме предизвик кој има за цел да развие дигитални решенија за подобрување на здравствениот систем и да дадеме свој придонес кон унапредување на јавното здравје. Особено охрабрува фактот што за многу краток период од започнувањето на Програмата за корпоративна иновативност, успеавме да привлечеме две успешни компании со кои заедно работиме на трансформација на македонскиот стартап екосистем. Ова е пример за да се вклучат и други компании и заедно со претставниците да креираме дигитални решенија за доброто на сите” изјави Коста Петров, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

- Advertisement -

Во финалната фаза на хакатонот, тимовите ќе ги презентираат своите решенија пред Комисијата за оценување и избор, по што следува финална селекција и избор на победничкиот тим. Вкупниот буџет изнесува 30 илјади евра, колку што е и максималниот износ за финансирање на поединечен предлог проект.

“Особено ми е драго што како фармацевтската компанија Рош, препознатлива по водечката биотехнолошка иновативна терапија, несебично вложуваме и во технологијата со цел унапредување и модернизирање на здравствениот систем во Северна Македонија. Во соработка и одлична комуникација со Фондот за иновации и технолошки развој и со поддршка на Министерството за здравство го креираме првиот хакатон посветен на здравјето, со што ќе придонесеме за креирање на решенија кои ќе помогнат на пациентите, на државата, на сите нас. Здравствената криза предизвиката од Ковид-19 ни покажа колку е потребно да имаме солиден и добро организиран здравствен систем. Токму затоа, решивме да вложиме во иновациите, бидејќи фармацевстката индустрија и технолошките компании се круцијален двигател за иднината на здравствениот систем”, изјави Александар Смоковски, претставник на Рош Македонија.

- Advertisement -

Јавниот повик “Е-Здравство” на ФИТР и Рош Македонија, беше отворен од 02 – 17.06.2021, на кој освен трговски друштва, можност имаа да се пријават и физички лица организирани во проектни тимови. Врз база на доставените предлог проекти, Комисијата за оценување и избор направи претселекција на апликантите кои преминуваат во следната фаза, односно се дел од Хакатонот на кој ќе се одбере најдоброто е-решение за подобро здравје.

Сподели!
- Advertisement -