Малите и средните претпријатија се клучот за побрзо економско закрепнување

- Advertisement -

По повод одбележување на Меѓународниот ден на малите и средни претпријатија воспоставен од Организацијата на Обединетите Нации со цел да се подигне јавната свест за нивното значење за економскиот раст и развој, организациите кои ги застапуваат на глобално ниво, здружено ги истакнаа најважните политики кои е потребно да се креираат со цел постпандемиско забрзано економско закрепнување. Малите и средни претпријатија (МСП) се ‘рбетот на европската економија. Тие претставуваат 99 отсто од сите регистрирани претпријатија, вработуваат околу 100 милиони луѓе, сочинуваат повеќе од половина од БДП на Европа и играат клучна улога во додавањето вредност во секој сектор во економијата. МСП креираат иновативни решенија за справување со предизвиците како што се климатските промени, влијаат на ефикасно користење на ресурсите и постигнување подобра социјалната кохезија.

„Малите и средни претпријатија се од клучно значење за постигнување одржлив економски раст. Тие се важен фактор за одржување на конкурентноста и постигнување на економски просперитет, за создавање на отпорност кон надворешните шокови на економски план, за постигнување на повисока вработеност. Но истовремено малите и средни претпријатија се најподложни на потреси, како во случајот со кризата предизвикана од пандемијата, поради што сите активни чинители треба да работат на креирање на добро деловно окружување за поддршка и развој на овие правни субјекти. Како организации, работиме на различни начини кои се прилагодени на националните услови, со цел да им обезбедиме на малите и средни претпријатија сè што е потребно за да растат и развиваат, но потребна е поголема ангажираност од институциите, носителите на одлуките и креаторите на политиките “, изјави Данела Арсовска, претседател на Сојузот на стопански комори на Македонија по повод обраќањето на меѓународната конференција каде ги претставува деловните организации од Европа.

- Advertisement -

За создавање на подобар екосистем на МСП потребно е да се создаде сериозна стратегија за нивен развој и одржливост, која ќе предвидува конкретни мерки и активности со поставени рокови за реализација. Со имплементација на стратегијата треба да се постигне значително зголемување на бројот на МСП кои се занимаваат со одржливи деловни практики, како и да го зголеми бројот на МСП кои користат дигитални технологии. Секоја земја треба да делува да стане попривлечно место за претприемништво и да им овозможи на малите бизниси да растат и да се развиваат. Ова е особено клучно во пост-пандемискиот период, бидејќи малите и средни претпријатија се клучот за побрзо надминување на кризните состојби и за постигнување на одржливиот економски развој.

Исто така е неопходно да се намали регулаторниот товар и да се подобри пристапот до меѓународните пазари, како и да се осигура дека претпријатијата ги користат институционалните механизми за успешни прекугранични активности.

- Advertisement -

Неопходно е да се преземат мерки за олеснување на пристапот до финансирање што е едно од најгорливите прашања за малите претпријатија, како и да се обезбедуваат континуирани информации за достапност и пристап до извори на финансирањe.

Надлежните институции треба активно да го поддржат претприемништвото кое е делување и постапување според можностите и идеите и нивно трансформирање во додадена економска вредност за сите во општеството.

- Advertisement -

Иднината на европската економија е во малите и средни претпријатија, затоа е важно земјите да делуваат кон поттикнување, унапредување и координирање на меѓународната соработка и воспоставување на рамка за одржлив раст на МСП на национално, регионално и меѓународно ниво. Во земјава 99,8% од сите претпријатија припаѓаат во групата на МСП.

Сподели!
- Advertisement -