Економијата во еврозоната почнува да се опоравува од падот предизвикан од пандемијата на коронавирусот, но закрепнувањето и натаму е кревко, изјави денеска претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Лагард. Претставници на ЕЦБ започнаа дебати за тоа кога треба да ја намалат вредноста на кризната програма за откуп на обврзници, преку која од почетокот на пандемијата во финансискиот систем се внесени повеќе од 1.000 милијарди евра. Лагард сигнализираше дека сè уште не е подготвена да ја затвори кризната програма за купување обврзници во пандемија (ПЕПП).
„Се согласивме дека ПЕПП ќе остане на сила барем до март 2022 година и во секој случај додека не процениме дека кризната фаза со коронавирусот е завршена“, рече шефицата на ЕЦБ во интервју за францускиот дневен весник „Ла Прованс“. „Закрепнувањето започна, но, сепак, е кревко“, нагласи таа.
Гувернерот на Бундесбанк, Јенс Вајдман и гувернерот на австриската централна банка, Роберт Холцман, во понеделникот на Управниот совет на ЕЦБ зборуваа за можноста за откажување на програмата вредна 1,850 милијарди евра, со оглед на почетокот на процесот на закрепнување. Фабио Панета, италијански член на извршниот одбор на ЕЦБ, предупреди дека поддршката не треба да се повлекува прерано бидејќи пандемијата сè уште не е завршена.