Прашањето на вечниот живот или барем забавувањето на стареењето отсекогаш било филозофско и естетско прашање. Секоја година милиони луѓе ширум светот трошат неверојатни суми пари за да останат млади и убави, барем однадвор. На некои тоа им успева, а на некои не. Но, изгледа дека пилулата на младоста која треба да ги стопира знаците на стареењето ја развива во моментот ни помалку, ни повеќе туку американската војска.
Како што објавија на Breaking Defense, идната година треба да почне тестирањето на експериментална пилула која треба да ги забави знаците на стареење кај војниците. Тестирањето ќе го спроведува американската Команда за посебни операции, а ако клиничките тестирања се покажат успешни, пилулата би можека да го пронајде патот и до широките маси.
И додека милиони луѓе со нетрпение ги очекуваат резултатите од испитувањето со надеж дека пилулата ќе им помогне подолго да изгледаат млади, не е во интерес на американската војска да има војници кои изгледаат млади, туку војници кои подолго време имаат способности на млади луѓе.
Како што за Breaking Defense објасни портпаролот на Командата, не им е целта да создадат физички карактеристики кои не постојат во природата. Станува збор за подобрување на спремноста за мисии на воените сили со подобрување на нивните перформанси, кои обично опаѓаат со годините. Портпаролот додаде дека веќе се направени претклинички студии за безбедноста и дозирањето на активните материи и сега се чека на почетокот на клиничкото тестирање.
Составот на пилулата засега е непознат, но се знае дека станува збор за додаток на исхраната кој поттикнува повисоки нивоа на молекулата NAD+ (никотинамид аденин динуклеотид). Тоа е коензим кој е присутен во сите живи клетки, а чие ниво опаѓа со годините. Од американската Команда за посебни операции се надеваат дека со покачување на нивоата на NAD+ ќе се спречат повредите кои настануваат поради стареењето на телото, ќе се подобри физичката и менталната состојба на војниците, а ќе се овозможи и војниците да бидат повеќе спремни во текот на целата своја кариера.
Ако оваа пилула се покаже ефикасна, тоа би можело да значи пресвртница не само во индустријата за убавина и здравје, туку и подобрување на животниот стандард на луѓето.
(Breaking Defence)
(фото: Pxhere)