19 годишната Ангела Бушеска од Струга е основач и креатор на организацијата EnRoute. Станува збор за апликација која зазема пионерски чекор и ни овозможува да ги намалуваме CO2 емисиите додека ги исполнуваме нашите секојдневни потреби. Преку неа може да се информираме колку CO2 емисии спасуваме со различни превозни средства и што се крие позади нашите омилени брендови. Освен апликацијата, EnRoute во текот на изминатата година прерасна во интернационално движење, кое има свои претставници во над 50 земји на 6 континенти и редуцира над 100.000 kg CO2 емисии.
Главната инспирација за нејзино создавање доаѓа од пандемијата. Иако пандемијата е катастрофа од светски размери – сите се бориме против неа преку минорни нешта како што се носење на маски и миење раце. Од друга страна, најголемиот предизвик кој ја напаѓа Планетата Земја се климатските промени. Бидејќи не сакаме да преживуваме уште една ваква криза, зошто да не ја базираме промената врз истиот принцип и не ја искористиме моќта на малите активности за големи промени?
Покрај оваа награда, Aнгела Бушеска e првиот македонски добитник на наградата во чест на англиската принцеза Диана, кое е највисокото признание што може да го постигне една млада личност за социјална акција. Дополнително, славниот гитарист Најл Роџерс, ја вброи во листата на светски тинејџерски лидери. Ангела Бушеска го заврши своето образование како првенец на генерација во Јахја Кемал Струга, а оваа есен ќе ги започне своите студии како стипендист во Пенсилванија, САД.