Додипломските студии на факултетите во земјава лани ги завршиле вкупно 6.907 студенти, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Од дипломираните студенти, 4.110 се жени. Во 2020 година, 5.056 од студентите дипломата ја стекнале на државните високообразовни установи, 1.831 завршиле на приватните универзитети, додека 20 лица дипломата ја стекнале на верските факултети.
Статистичките податоци покажуваат дека најголем интерес за студирање во земјава и понатаму има на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, од каде лани со диплома се стекнале 2.624 студенти. По него, следи Државниот Универзитет во Тетово, каде што лани дипломирале 1.041 студент.
Во поглед на студиите коишто најмногу ги интересираат студентите, од бројките може да се заклучи дека во земјава интересот првенствено e насочен кон Филозофскиот факултет, Економскиот факултет и факултетите по медицина. На национално ниво, во 2020 година на Филозофскиот факултет и Економскиот факултет при УКИМ дипломирале вкупно по 404 студенти, што е најголема бројка во земјава.
Сепак, не помалку атрактивен е и Медицинскиот факултет при УКИМ, на кој дипломирале 229 студенти, но и дополнителни 157 студенти кои се здобиле со диплома по медицина на Универзитетот во Тетово.
Голем интерес и желба за стекнување на диплома имало и кај факултетите за информациски технологии во земјава. Па така, на Факултетот за информациски и комуникациски технологии при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола лани дипломирале 34 студенти, а дополнителни 61 студент со диплома се стекнале на Факултетот за информациски науки и компјутерско инженерство при УКИМ.
Првиот степен студии на Факултетот за информатика при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип го завршиле 17 студенти, додека во 2020 година на Универзитетот „Св. Апостол Павле“ во Охрид дипломирале вкупно 53 студенти.
Кај приватните високообразовни установи во земјава, забележливо е дека лани најмногу дипломирани студенти имало кај економските науки. Па така, на Факултетот за економски и административни науки при Меѓународниот балкански универзитет дипломирале 33 студенти, Факултетот за бизнис и економија на Југоисточноевропскиот универзитет од Тетово го завршиле 120 студенти, додека на Американ колеџот со диплома се стекнале 73 студенти на Факултетот за деловна економија и организациски науки. На Економскиот факултет при Универзитетот за туризам и менаџмент лани дипломирале 99 студенти.
Од Државниот завод за статистика информираат дека лани за 12,3 отсто бил намален бројот на дипломирани студенти во споредба со 2019 година. Од вкупниот број студенти, 37 отсто дипломирале во рокот, додека 63 отсто дипломирале по рокот. Притоа, 81,9 отсто од нив дипломирале како редовни студенти, додека 18,1 отсто како вонредни.
(Meta.mk)
(фото: )