Пандемијата предизвика најголем дел од 2020 година да го поминеме во нашите домови, па така, не е изненадување што на голем дел од нас можеби ни здодеа истиот декор и истата глетка во домот. Токму затоа воопшто не е неочекувано што со стивнувањето на пандемијата размислувањата за реновирање на домот станаа сè почести. Но, сигурно е дека постои значителна разликата во трендовите во однос на претходните години, што секако е врзано за промените во нашето секојдневие кои се случија поради пандемијата предизвикана од КОВИД 19. Доколку и вие сте меѓу оние кои се пред предизвикот на реновирање, дозволете да ви помогнеме со неколку нови трендови, актуелни за оваа летна сезона.
Како најголем тренд за лето 2021 го издвојуваме создавањето „светилиште“ за работа од дома. Иако можеби бројот на заразени кај нас се намали драстично, сепак, постои неизвесност околу тоа што ќе донесе есента, особено поради информациите за повторно букнување на заразата во многу земји. Токму затоа и издвојување посебно место за домашна канцеларија е дефинитивно во игра. Без разлика дали ќе издвоите цела соба за домашна канцеларија, или, пак едно мало катче од спалната или дневната, ваквиот простор е дефинитивно неопходен и ИН. Тоа ќе ви помогне да се оттргнете од работи кои ви го одвлекуваат вниманието и целосно да се посветите на работата кога сте дома. Затоа се препорачува да одредите дел од домот кој не е во постојана употреба. Се што ви е потребно е работна маса, светли тонови на ѕидовите, удобна столица, прозор во близина и растенија. Обидете се да го направете ова катче слично на она во вашата канцеларија и подготвени сте за работните предизвици.