Се одржа вториот регионален eTrade for Women Masterclass за жени од Балканот

- Advertisement -

Изминатата недела се одржа вториот дводневен регионален Мастерклас за жени во е-трговија од Балканот, под насловот: „Поддршка на жените претприемачи за време на нивното дигитално патување“, во виртуелен формат. На Мастеркласот присуствуваа повеќе од 90 жени – дигитални претприемачи од Северна Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Бугарија.

За време на првиот ден од дводневниот Мастерклас, учесничките имаа шанса да ги слушнат презентациите на еминентни регионални експерти на теми поврзани со дигиталната економија, како што се корисничко искуство (UX) и задржување на клиентите, на кои се презентираа трендовите во овие области.

Учесничките исто така ја проследија и панел дискусија за креирање на политики во е-трговија насловена „Градење силни дигитални екосистеми – перспективи од Балканот“. Панел дискусијата имаше за цел да ги покаже различните перспективи на панелистките за начините за поддршка на дигиталното претприемништво и за можностите за жените, да изградат просперитетна и инклузивна дигитална економија. На панел дискусијата се зборуваше за влијанието на Ковид – 19 пандемијата  за забрзување на развојот на е-трговијата во земјите во регионот, за улогата на владите во подржувањето на инклузивно проширување на претприемништвото во дигиталната економија, вклучително и за жените и воопшто во креирањето на клима за раст и развој на е-трговијата. Панелисти на оваа дискусија беа г-ѓа Мајлинда Демко, виш советник на министерката за финансии и економија на Албанија, г-ѓа Нина Ангеловска, УНКТАД Амбасадор за е-трговија на Балканот,, како и г-ѓа Зорана Милидраг, ко-сопственик на 8 Services и глобален директор за е-трговија на Sport Vision. Панел дискусијата беше модерирана од страна на г-дин Торбјерн Фредриксон, раководител на сектор за ИКТ политика при УНКТАД, а на почетокот на дискусијата се обратија г-дин Дирк Јан Коп, амбасадор на Холандија во Северна Македонија и г-ѓа Елизабет Туерк, Директор за економска соработка и трговија во Економска комисија на Обединетите нации за Европа.

- Advertisement -

Првиот ден од Мастеркласот беше завршен со неформален „Fireside” разговор со Нина Ангеловска. Во неформалниот разговор кој го водеше водителот Жарко Димитриоски, Ангеловска зборуваше за самите почетоци на развивањето на нејзиниот интерес за е-трговија, за предизвиците кои се појавиле за време на трансформирање на пазарот за е-трговија во Македонија со платформата Grouper.mk, за потребата од основање на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, како и за подобрување на улогата на жените во општеството.

Панел дискусијата и “Fireside” разговорот се достапни за целата јавност, на профилите на социјалните медиуми на АЕТМ и УНКТАД.

- Advertisement -

Мастеркласот продолжи со т.н. „интерактивен ден“, посветен на интерактивни сесии за учење, како и на сесии за меѓусебно запознавање за учесниците и презентирање на нивните бизниси.

Инаку ова е втор регионален Мастерклас за жени од е-трговија на кој главен домаќин беше УНКТАД Амбасадорот за е-трговија на Балканот – Нина Ангеловска, кој е дел од серијата на Мастерклас настани кои се организираат низ целиот свет, во рамки на eTrade for Women иницијативата на УНКТАД (Телото на Обединетите нации за трговија, инвестиции и развој).

Сподели!
- Advertisement -