Обединетите нации оценија дека во 2020 година дошло до драматично влошување на состојбата со гладот во светот, а дека тоа во најголем дел е последица на КОВИД-19, соопшти Организацијата за храна и земјоделство на ОН.
Се проценува дека минатата година околу 1/10 од светската популација, однОсно околу 811 милиони луѓе биле неухранети. И во претходните извештаи се посочуваше дека е во опасност храната за милиони луѓе во светот, меѓу кои и за многу деца.
Наведуваат дека веќе на средината на втората деценија од 21 век гладот во светот почнал да расте, а дека вознемирувачки е тоа што во 2020 година бројката на гладни луѓе уште повеќе се влошила и во апсолутна и во пропорционална смисла, надминувајќи го растот на населението на Земјата.
Се проценува дека околу 9,9% од сите луѓе во светот биле неухранети, наспрема 8,4% во 2019 година, се вели во соопштението. Повеќе од половина од неухранетите луѓе или 418 милиони луѓе живеат во Азија, повеќе од 1/3 во Африка, а помал дел од околу 60 милиони во Латинска Америка и на Карибите, но најголем пораст на гладот е забележан во Африка, каде што е проценето присуство на неухранетост кај 21% од населението, што е дупло повеќе отколку во другите региони.
Во текот на 2020 година над 2,3 милијарди луѓе во светот или околу 30% од светската популација немале соодветен пристап до храна во текот на цела година. Проценките на FAO се дека минатата година повеќе од 149 милиони деца помали од 5 години заостанале во развојот или останале прениски за своите години, а дека повеќе од 45 милиони деца се премногу слаби за својта висина, а околу 39 милиони деца имаат прекумерна тежина.
(Bizlife)