Од денеска граѓаните на Скопје ќе можат да го одложуваат амбалажниот отпад во новите вендинг машините, а за возврат ќе добиваат „зелени поени“ за купување производи од Веро, како и за плаќање на општински и јавни услуги. Имено, денеска во трговскиот центар Веро Џамбо беше презентирана првата повратна вендинг машина ПВМ на „Пакомак“, која ќе биде поставена на територијата на Град Скопје. Главната цел на овие вендинг машини е зголемување на можноста за селективно одложување на отпадот, посебно во урбаните средини.
Овие машини како што објасни директорот на „Пакомак“ Филип Ивановски со помош на информацискиот капацитет кој го поседуваат ќе им се овозможи на корисниците преку мобилна апликација за секое фрлено пластично шише или лименка да добиваат „зелени поени“ кои понатаму ќе може да се користат како ваучери.
-Нашата машина се разликува по другите концепти во европските држави со тоа што граѓаните кога ќе уфрлат пластично шише или лименка добиваат на својот мобилен телефон „зелени поени“ кои имаат одредена финансиска вредност и кои може да ги конвертираат во ваучери со кои ќе можат да пазарат за почеток во Веро маркетите, а понатаму и во други маркети локални низ земјата, но и да можат да плаќаат јавни услуги во општините каде што живеат, истакна Ивановски.
Додаде дека очекуваат во следните години да се вратат кај граѓаните повеќе од сто илјади евра на годишно ниво, како и дека во наредните три до четири години ќе бидат поставени околу 400 вакви машини.