Во Сингапур беше отворена една од најголемите пловечки соларни фарми во светот. Пловечката фарма официјално ја отвори компанијата Ѕembcorp Industries и сингапурската Национална агенција за вода PUB, а се состои од 122.000 соларни панели кои се простираат на површина од 45 хектари.
Соларната фарма е развиена со цел четирикратно зголемување на производството на соларна енергија до 2025 година, за Сингапур да може да се бори поефикасно против глобалната климатска криза.
Сингапур е островска држава која е повеќе од дупло помала од Лондон и нема потребни копнени ресурси за големи соларни фарми. Поради тоа решение побара на вода. Иако е релативно мала, Сингапур е битен финансиски центар и еден од најголемите производители на CO2 по жител. Од Sembcorp Industries наведуваат дека електричната енергија произведена со помош на соларни фарми ќе биде доволна за да се задоволат потребите на пет локални фабрики за третирање на вода. Тоа ќе биде еднакво на отстранување на 7.000 автомобили од патиштата, а годишната емисија на CO2 ќе се намали за околу 32 килотони.
Изградбата на пловечката соларна фарма почна во август минатата година и за помалку од една година беше целосно комплетирана. Сингапур ќе продолжи да ги искористува водените патишта и брегот за да гради соларни фарми и да ги исполнува своите климатски цели.
(Klix.ba)
(фото: Pixabay)