Јапонци направија оптички кабел кој пренесува податоци со невидена брзина

- Advertisement -

Истражувачи од Јапонскиот национален институт за информатичка и комуникациска технологија (NICT) го соборија рекордот во брзина на пренос на податоци на интернет. Тие успеаја да испратат неверојатни 319 терабити во секунда, што е двојно повеќе од претходниот рекорд кој лани го поставија инженери од Јапонија и од Велика Британија.

Кога тој пренос на податоци ќе се пресмета во секунда по километар звучи уште поимпресивно и изнесува 957 петабити во секунда по километар. За споредба, еден просечен корисник кој дома користи оптички кабел може да има брзина на проток на информации до 250 Mbps, додека бизнис корисниците може да имаат брзина до 1 Gbps. Брзината која ја развија јапонските научници е 957.000.000 Gbps односно 957 милиони пати поголема!

- Advertisement -

Тестирањето не било спроведено во реални, туку во лабораториски услови со користење напредна оптичка технологија. Имено, класичните оптички кабли, кои моментално се користат во светот, се состојат од јадро и бројни заштитни слоеви кои го штитат јадрото, односно податоците кои поминуваат низ јадрото. Системот на NICT користи експериментално оптичко влакно со четири јадра, кои се наоѓаат во кабелот кој е отприлика исто голем колку стандардниот оптички кабел.

Како што истакнаа научниците во својот научен труд, повеќејадрениот кабел со стандарден дијаметар е привлечен за многу скора примена затоа што е компатибилен со конвенционалната кабелска инфраструктура.

- Advertisement -

NICT ги испраќал податоците низ намотани делови од оптичкото влакно, кои симулирале пренос на податоци на растојание од 3.000 км без губење на сигналот или брзината. За да ги испратат податоците јапонските научници користеле 552-канален ласер кој податоците ги испраќа на различни бранови должини и ги провлекле низ засилувач направен од ретки минерали за да ја постигнат таа неверојатна брзина.

Иако користењето на таквите материјали го поскапува производството на опремата, а со тоа и преносот на податоци, истражувачите велат дека таквите засилувачи се замислени да се користат за „туркање“ на податоците на големи растојанија. Тимот кој го направи новиот кабел и ја постигна таа неверојатна брзина како свја главна иновација го истакнува самиот четиријадрен кабел, а не брзината на преносот на податоци.

- Advertisement -

(NICT)

(фото: FreeImagesLive)

Сподели!
- Advertisement -