Доста ни е од затвореност, корупција, сива економија и евтина работна сила. Не сакаме веќе понижувања дека сме неспособни да се интегрираме во меѓународната заедница и дека некој однадвор треба секогаш да ги решава нашите проблеми. Бараме да се отвори Балканот, да се затвори историјата, да се обедини бизнисот и да се истрае во имплементацијата без оглед на отпорот на конзервативните сили, вели претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија, Бранко Азески во кусото интервју за МИА по повод утрешниот Економски форум за регионална соработка што ќе се одржи во Скопје.
Азески во интервјуто оценува дека е неопходно регионот што побрзо да се апстрахира од деструктивниот процес на „балканизација“.
Според него, актуелните политички елити на Србија, Албанија и Северна Македонија имаат волја да ги решат економските проблеми, но бизнисмените тоа треба да го искористат и да го направат потребниот чекор за успешна интеграција.
Претседателот на Комората е дециден дека пролонгирањето на преговорите со ЕУ предизвикува штети, но најголемата од нив е неизвесноста која практично го „убива“ бизнисот. Европските лидери кон овој процес треба да пристапат најодговорно и професионално зашто трпението и наклонетоста на бизнисот кон европските вредности може да се доведе во прашање, подвлекува Азески во интервјуто.
Претседателе, утре во Скопје ќе се одржува Економски форум за регионална соработка на кој се очекува да учествуваат преку 400 компании од Северна Македонија, Србија и Албанија, но и од БиХ, Австрија, Полска, Грција. Присутни ќе бидат и политички лидери. Која ќе биде пораката што ќе ја испратите како бизнис заедница?
Нашата порака од собирот ќе биде јасна и ќе бара „да се отвори Балканот, да се затвори историјата, да се обедини бизнисот и да се истрае во имплементацијата без оглед на отпорот на конзервативни сили“.
Не сакаме веќе понижувања дека сме неспособни да се интегрираме во меѓународната заедница и дека некој однадвор треба секогаш да ги решава нашите проблеми.
Бизнисмените ја гледаат големата слика и градат мостови меѓу феудалните концепти на исфрустрираните земји на Балканот и поради тоа доста ни е од затвореност, корупција, сива економија, ефтина работна сила.
Целта на сите досегашни иницијативи спомнати и пред самитот, се четирите слободи – слободниот проток на стоки, услуги, луѓе и капитал, но суштинското прашање е нивно спроведување, односно имплеменатцијата. Ова го покажа и последниот самит во Берлин, на кој не беше постигнат договор за каква било одлука во врска со операционализацијата на принципите на овие четири слободи, бидејќи секогаш имаше одредено надмудрување, блокада на администрацијата, одложување.
„Мини шенген“ – Берлински процес. Многу иницијативи, прашања стари 20-30 години. Ќе има ли конечно некаква реализација и кога? Меѓусебното признавање на сертификатите, на извозно-увозните документи, на работните дозволи, побрзиот проток на стоки, се само некои од горливите прашања за земјите од Западен Балкан кои се уште се провлекуваат и не се решени. Што, во оваа смисла, очекувате од Форумот и дали се доволни само декларативните заложби?
Приватниот сектор сака во време на дигитализацијата, најсофистицирани решенија за следење на нелегалните криминални активности, да ги елиминира граничните премини и долгите редици камиони, кои постојат само уште кај нас.
Потребни ни се конкретни чекори кои едноставно ќе го решат прашањето за инфраструктурата меѓу нашите земји, ќе овозможат меѓусебно признавање на сертификати и други документи, заеднички настап на трети пазари, заеднички производи, елиминирање на сивата економија и корупција, намалување на државните трошоци и подобрување на животниот стандард.
Што и доколку се потпишат договорите за менување на името на иницијативата „Мини Шенген“ како што најави српскиот претседател Вучиќ? Ќе смени ли тоа нешто суштински и во пракса? Вучиќ најави и потпишување договори за воспоставување посебни „брзи ленти“ на граничните премини за побрз проток на граѓаните од регионот…
За да го постигнеме тоа, ќе биде потребно што побрзо да се апстрахираме од деструктивниот процес на „балканизација“ со кој на различни нивоа се занимаваа различни чинители во регионот (термин што веќе се вдоми во професионалната терминологија и се користи за означување процес на атомизација на помалите единици, кои честопати се непријателски настроени едни кон други). Коморскиот инвестициски форум (како здружение на Стопанските комори од регионот на Западен Балкан, вклучително и Стопанската комора на Северна Македонија, кој започна во 2015 година, во рамките на Берлинскиот процес), ќе има клучна улога во овој процес.
Секогаш има премногу историја на Балканот и премалку заеднички бизнис, додека новите генерации бараат тоа да се промени. Проблемот е во тоа што недостасуваше политичка волја за нивно решавање.
Актуелните политички елити на Србија, Албанија и Северна Македонија сега имаат политичка волја да ги решат економските проблеми и затоа ги повикувам бизнисмените од регионот да го искористат тој момент и да се обединат за да го направат потребниот чекор кон успешна интеграција.
Завчера повторно го изнесовте ставот за регионалната соработка. Велите, „заедно сме посилни“, алудирајќи на заедничкиот пазар на Западен Балкан. На што конкретно мислите?
Концептот на четири слободи врз кои се заснова секое регионално обединиување (слободно движење на луѓе, стоки, услуги и капитал) со засилена соработка во областите на дигитализација, инвестиции, иновации и индустрија може да биде движечка сила која ќе даде нов поттик за унапредување на конкурентноста на компаниите во регионот по пандемијата.
Српската премеирка Ана Брнабиќ во саботата изјави дека најголем капитален проект во Србија ќе биде железничкиот дел од Коридорот 10, како и дека во моментов се прави проценка на вредноста на железничкиот коридор 10 на делот од Ниш и Брестовац до Прешево и Северна Македонија. Ќе стане ли збор на Форумот за ова и што еден ваков проект би значел за нашата земја и за бизнисот?
Српската премиерка Ана Брнабиќ е потполно во право за тоа бидејќи инфраструктурните зафати се темел за развојот на бизнисот, а железничката оска Белград – Скопје – Солун е инфраструктурна „кичма“ на економиите на Западен Балкан. За нас тоа е особено значајно затоа што во изминатиот период железничката инфраструктура беше ставена на страна, иако е многу значаен фактор за бизнисот секаде.
Еден од општите предуслови за поттикнување и продлабочување на трговско-економската соработка во регионот е развиената патна и железничка инфраструктура, како што е автопатот низ Грделичката клисура и изградбата на автопатот Демир Капија – Смоквица. Претстојната реконструкција на железничките линии, ќе овозможи забрзан проток на луѓе и стоки.
Почетокот на преговорите за членство во ЕУ и натаму се нашата „болна точка“. Колку пролонгирањето на датумот се одразува врз бизнисот, може ли да се зборува за некакви штети? Премиерот Заев постојано нагласува дека потегот сега треба да го направи ЕУ зашто ние ја исполнивме нашата задача. Се согласувате ли Вие со тоа и има ли некаква порака или сугестија бизнис заедницата до земјите членки на ЕУ во однос на ова прашање?
Ставот на бизнис секторот по ова прашање е непроменет, а тоа значи следно. Ако некој праша што е алтернативата за почеток на преговорите со Европската Унија ние зборуваме дека алтернатива има, а тоа е исполнување на стандардите на ЕУ без оглед дали преговорите се во мирување од политички или какви било други причини. Тоа значи дека нам никој не ни пречи ние да ги воведуваме тие стандарди. Штети постојат, но најголемата од нив е неизвесноста која практично го „убива“ бизнисот.
Имаме и порака до лидерите на Европската Унија, дека тие се надеж за подобро утре на сите наши компании и нивните вработени и како такви имаат голема одговорност кон процесот на проширување. Меѓутоа, во пракса, тие многупати направија преседани на штета на малите земји и на нивните надежи и затоа јасно им порачуваме – кон овој процес да пристапат најодговорно и професионално зашто трпението и наклонетоста на бизнисот кон европските вредности може да се доведе во прашање. Едноставно не смееме да се чувствуваме понижени како сега.
Мирјана Чакарова, МИА