Ратко Захариевски од Македонска Каменица, е еден од похрабрите земјоделци кој решил своите полиња во овој регион да ги засади со најскапиот зачин на светот, шафран. Приказна на Агротим.мк
Вели дека иницијатори за тоа биле неговите деца кои живеат во Швајцарија, па следејќи ја оваа култура на интернет, нејзините придобивки и едноставноста во одгледување, решиле пред две години нивата која е во нивна сопственост со површина од 3,5 декари да ја засадат со шафран. Искуството го прибирал најмногу од интернет следејќи ги објавите околу негово одгледување, а најпрво почвата каде што планирал да го одгледува шафранот ја однел на анализа во Институтот за земјоделство во Штип за да види дали е погодна за тоа, и откако стигнале потврдни резултати, се зафатил со реализација.
„Луковиците ги набавив од Холандија, некаде околу 30 илјади парчиња за кои платив 6.000 евра. Некаде отприлика за еден декар површина е потребно околу 10 илјади луковици, кои, бидејќи шафранот е триплодно растение, за наредните три години ќе станат сто илјади. Веќе во четвртата година се постигнува родот, а после тоа следната година мора да се смени парцелата и на нејзино место да се засади друга култура, а луковиците да се пресадат на друга нива. Нивата се заорува и се израмнува како за садење пченка, а садењето се врши рачно. Го засадивме пред две години, на 15 август, а веќе на 1 ноември почна да цвета, додека лани почна да цвета многу порано, на 15 октомври“, објаснува Захариевски.
Шафранот е култура која одлично се адаптира и на ниски температури и во период на високи температури и суша. Исто така не треба и ѓубрење.
„Го береме рачно и внимателно да не се оштетат прашниците и цветовите, потоа ги ставаме во плетени кошници или дрвени гајби, кои го носиме дома, ги ставаме на маса и полека го истресуваме правот од прашниците. Секој цвет шафран се состои од толчник и три прашници. Во текот на сезоната од секоја луковица растат од два до девет цветови, кои имаат сина или виолетова боја, а секој цвет пак е составен од 3 црвени толчници кои се долги околу триесетина милиметри. За еден грам се потребни некаде околу 150 цветови, додека за еден килограм зачин шафран се потребни и до 200.000 цветови“, објаснува нашиот соговорник.
Интересно е што шафранот цвета многу краток период и тоа само три недели во текот на годината. Цената зависи од повеќе фактори. Ратко вели дека е задоволен и од квалитетот и од квантитетот, од 3,5 декари набрал 1 кг шафран, што е одлично затоа што ако се земе предвид дека цената на килограм од овој зачин изнесува од 18-20.000 евра тогаш заработката е одлична. Кај шафранот всушност најважен е толчникот, кој откако ќе се собере се суши на температура од 50 степени, во сушилница за еден ден.
Шафранот има поинаков животен циклус од другите растенија, во пролет го снемува, а во септември, кога ќе се појават дождовите и тој се појавува.
Посочува дека кај нас веќе има заинтересирани земјоделци кои сакаат да се занимаваат со одгледување на шафран, и тоа од Битола со кои веќе остварил контакти за соработка. Захариевски препорачува дека кај нас треба да се обрне поголемо внимание околу производството на овој скап зачин во кој се капела и прочуената кралица Клеопатра, зашто тоа е култура која е доста доходовна, а не бара многу грижа. Според него треба само желба, малку труд, пласман и поддршка, бидејќи од него може солидно да се живеe.
Целиот текст на Агротим.мк