Периодов често се зборува за зеленото сценарио и идното и неоходно затворање на РЕК Битола, но тоа претставува огромен притисок за вработените, бидејќи станува збор за многу голем број луѓе кои со тамошните примања ги хранат нивните семејства. Единствен чесен пат во таа приказна, според експертите, е спроведување на вистинска праведна транзиција со цел тие луѓе да продолжат да егзистираат, а со тоа да не пострада и економијата во Битолско.
Здружението „Еко-свест“ се залага за спроведувањето на праведна транзиција во тој регион и од таа причина спроведе медиумска тура за да не запознаат со тамошните успешните бизниси, што претставуваат мотив за да се покаже и докаже дека може да се најде и друг пат за егзистенција.
– Доколку сакаме развој, особено во Битолскиот регион, единствената можна одлука е да се „пензионира“ РЕК Битола и да се даде сериозен акцент на вистинска праведна транзиција. Ова вклучува широки консултации со граѓаните и другите чинители за можностите и потребите за економски развој на заедницата кој нема да зависи од електраната. Само со ваков пристап оддолу-нагоре во донесувањето на одлуки, Битола ќе добие праведна транзиција. Во спротивно, ќе добие само транзиција, која според поранешните искуства на транзиција ниту ќе биде праведна, ниту ќе биде пријатна, нагласи Невена Смилевска од „Еко-свест“.
Она што е најважно во целиот процес, е да се слушне мислењето на граѓаните, да се исполнат нивните потреби, а со тоа да се поттикне и развојот на регионот.
Жителите велат дека регионот има огромен капацитет за различни видови на туризам, плодна почва за одгледување на земјоделски производи, средени локали, со што на туристите може да им се понуди вистинско уживање, но постојат проблеми кои треба да се решат, најмногу инфраструктурни.
Бакревски Горан – сопственик на микропивара
– Јас сум Бакревски Горан заедно со мојот брат Марјан правиме домашно пиво. Ние ја отворивме првата микропивара во Битола. Идејата за пиво ни се роди пред околу 5-6 години затоа што имавме желба да направиме домашно пиво. Пред две години откако сфативме дека продуктот е добар и дека на сите околу нас им се допаѓа, почнавме да вложуваме да развиваме микропивара и од јануари месец ова година микропивара и е регистрирана, раскажа Бакревски.
Тој наведе дека во мометов микропиварата работи со капацитет од околу пет тона месечно.
– Поради големата побарувачка во следниот период ќе почнеме да вложуваме нови пари, за нови средств,а за да можеме да ги кренеме капацитетите. Со овој капацитет којшто го имаме, можеме да го продаваме пивото исклучиво само на територијата на Битола и во околината. Како што ќе ги зголемуваме капацитетите така ќе ги зголемиме можностите да одиме и во другите градови, додаде Бакревски.
Тој потенцираше дека за некој да се занимава со таков бизнис најмногу е потребно да се има љубов кон таа работа.
– Љубовта е прва почетна точка и најважна според мене, потоа многу е битно работа и нормално се потребни финанси. Во однос на започнување на бизнис, условите за бизнис се релативно добри, но како апел од наша страна е да се намали бирократијата, истакна Бакревски.
Дарко Милевски – сопственик на ресторанот „21-10“ за брза и здрава храна
– Идејата е да се промовира и да се едуцира населението, локалното и нормално сите туристи, сите граѓани во нашата држава за тоа што нудиме односно за начинот на исхрана кој што може да биде многу поздрав, но може да биде исто така и брз, нудиме бургери, тортиљи, интегрални пици, безглутенски, топчиња енергетски со тартови и смути, џусеви… Така да има голем широка асортиман може да не посетите на Широк Стојак, наведе Милевски.
Тој посочи дека нивниот начин на работа е „еко свесен“. Имаат многу мал дел од производи од животинско потекло, се се прави рачно и е минимално процесирано.
– Но, за да ја подигаме се повеќе еко-свеста имаме потреба од поддршка за набавка на таа амбалажа која што би била еко разгадлива, односно ние се трудиме да користеме од бамбусово потекло, но сепак се надевам дека еден ден и пластиката ќе ја исфрламе од употреба и со тоа ќе не поддржат институциите што се задолжени за тоа, посочи Милевски.
Тој наведе дека во ресторанот се вработени четири лица.
– Визијата наша е значи реплицирање на „21 10“ најпрво во нашата држава и понатаму по сите големи европски центри. Така да се надеваме дека нашата идеја ќе ја поддржат и ќе ја прифатат и други наши истомисленици и ќе ја подигнуваат свеста не само во нашата земја туку и секаде во светот, додаде Милевски.
Пеце Цветковски – сопственик на „Вила Дихово“
Цветковски раскажа како одлучил од град да се врати да живее во село и таму да започне свој бизнис.
– Ме освои самата природа, плус јас бев тука роден, растен тука. Патувајќи низ светот, Европа колку што можев како фудбалер видов и дека и овде имаме нешто што може да го продаваме, потоа што секоја држава ја има својата историја, својата култура и својата природа, наведе тој.
Во вилата на Цветковски е задржан „етно стилот“, таму гостите можат да уживаат во локалните специјалитети, како и во домашното вино и ракија што ги произведува Цветковски од сопственото лозје.
– Значи целта беше како ние да ги активираме локалните производи, овчарите со сирење, пчеларот, сета таа храна што ја имаме како да ја понудиме, да ја промовираме меѓу себе, да понудиме квалитетна храна а од друга страна парите да останат тука меѓу нас. Имаме, наше лозје, правиме вино без сулфати, без конзервански, без стабилизатори, самата местополажба на самото лозје до 1000 метри на висина даваше голема предност. До денес правиме ист домашен маџун што е познат, па си го мешаме со домашна киселина, па си правиме домашно балсамико. Значи имаме можности, си правиме домашна ракија, домашна мастика, уникатни зачини, посочи Цветковски.
Тој истакна дека покрај нивната вила, убедиле уште неколку фамилии во Дихово да почнат да ги издаваат нивните куќи, а со тоа да се зголеми и сместувачкиот капацитет во селото.
Нацо Јовчевски – пчелар од Дихово
– Јас се занимавам со пчеларство од 16 години. Пчелите ги чувам и живеам во Дихово, имам четири пчеларници моментално на четири различни локаци во Подпелистерието, имам приближно 400 пчеларни семејства. Со пчеларството започнав сосем случајно, тука се јави таа љубов за пчелите и видов дека пчелите се нешто кое што не е истражено, секогаш имаш нови работи, секогаш имаш свој начин на работа, начин на пчеларење. При тоа ми беше еден вид како предизвик исто така ми беше желбата за изработка на пчелните семејства, сандаци да речам, изработката на дрво како хоби. И тука направив да речам една спојка помеѓу пчеларството и желбата за работа со дрво, за да можам да го работам ова, пчеларство, раскажа Јовчевски.
Тој истакна дека климатските промени се еден глобален проблем што го чувствуваат и пчеларите бидејќи секоја година имаат некаква последица од тие климатски промени, дали ќе имаме, како што рече, многу топла зима која што во пролетниот период веќе се одрази со пролетни мразеви коишто ќе уништат дел од цветовите кои фактични треба да биде првата паша на пчелите.
– Како држава не знам колку, мислам дека многу малце се превземаат некои активности да се ублажат тие климатски промени и исто така бидејќи пчелите се едно од најбитните организми да ги наречам во природата, бидејќи прават 80 посто од прашувањето на растенијата. Исто така како проблем кој што се јавува кај пчелите покрај климатските промени се прекумерната употреба на пестициди со кој што самите значи имаа растение кој што се запрашени од самото семе па се до родот кој што ќе го имаат, тој род може да биде токсичен кој што потоа се одразува на нивниот зимување. Значи дали во моментот ќе се отрујат, кога ќе бидат на цветот како токсичен или па на текот на времето ќе им го скрати животот, сето тоа влијае на намалување на пчелните семејства, наведе Јовчевски.
Тој нагласи дека клучната работа што треба да ја преземе државата е да направи црна листа на пестициди, сите пестициди кои ги убива пчелите да бидат забранети за употреба, тогаш, како што рече, ќе имаме помали загубени на пчели, значи немаме да го имаме проблемот со изумирање.
– Во последно време се по актуелна е употребата на здрава храна и тука се јавува свеста кај помладите луѓе да одгледуваат нешто самите да го произведуваат, да одгледуват нешто за нивни потреби. Така да во последните неколку години зголемен е бројот на одгледувачи на пчели на помлади години да речам, чисто прво му е предизвик да си произведуваат храна, но тука имаме и финансиски бенефит. Пораката до младите е да се занимават професионално еве конкретно со пчеларство доколку сакаат, значи да си работат професионално, да се придржуват кон тие протоколи што се за работа. Значи работат е тешка не можам да речам дека е лесна работа бидејќи сето тоа е предизвик, посочи Јовчевски.
Мимоза Кочавска – технолог во производен погон „Гермина“ во село Гермијан
– Во моментов сме вработени 12 души во фабриката и сите сме локално, можам да кажам дека 50 проценти од вработените се конкретно од село Гермијан, од општина Новаци. Се размислува во насока на проширување на производниот погон со нови производи, со нови формати и сите останати тенденции на проширување на производството. Планираме нормално и вработувањето да биди зголемено така да се планира во осново да бидат луѓе од општина Битола и општина Новаци. Значи најбрзо што можам да го кажам како компанија Ал Насер е тоа дека веќе размислуваме и сме во постапка на набавка на линија за производство на минерална вода во стаклена амбалажа. Значи дел од производството на пластика ќе го заменине со стаклена амбалажа, а во догледно време компанијата, односно сопствениците размислуваат и пластиката да ја променат односно да почнеме да размислуваме за воведување на линии за производоство со рециклирана пластика со цел да ја заштитиме животната средина, истакна Кочавска.
Успешните бизнис приказни кои ги слушнавме во Битолско се стремат кон проширување, а со тоа и дополнителни вработувања, покренување на еко-свеста и промовирање на регионот. Овие луѓе се доказ дека постои начин да се спроведе праведна транзиција, само е потребна волја, како и помош од државата.
Симона Митровска, МИА