Народната банка ја укина одлуката за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда кај банките

- Advertisement -

Народната банка ја укина одлуката за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките.

Одлуката е укината денеска на седница на Советот на Народната банка откако се согледани актуелните околности во глобалното и домашното опкружување и показателите за банкарскиот систем во првата половина од годинава. Одлуката за укинување ќе стапи на сила по нејзиното објавување во Службен весник.

- Advertisement -

Од Народната банка информираат дека согласно со оценките на меѓународните финансиски институции и централните банки на водечките економии, во глобални рамки се подобрува економскиот амбиент со што се очекува тоа да придонесе и за закрепнување на македонската економија.

„Согледувајќи намалени ризици поврзани со пандемијата на Ковид-19, Европската централна банка на 23 јули 2021 година донесе одлука за укинување на привремените ограничувања во однос на дивидендите, а заклучно со 30 јуни 2021 година престана и важноста на привремените ограничувања во однос на дивидендите воведени од страна на Системот на федерални резерви на САД“, се наведува во соопштението од Народната банка. 

- Advertisement -

Притоа, се додава дека и резултатите од најновите циклус стрес-тестирања спроведени во домашниот банкарски систем покажуваат дека има солидна отпорност на евентуални ризици, а поволни се и остварувањата на банкарскиот сектор во првото полугодие од годинава.

„Советот детално ги разгледа и првичните показатели за банкарскиот сектор заклучно со крајот на првото полугодие од 2021 година и заклучи дека неговите остварувања од почетокот на годината се поволни, при што кредитната поддршка и натаму расте (со годишна стапка од 5,1%), подобрена е профитабилноста, а капиталната позиција на банкарскиот систем и натаму јакне, што е видливо преку натамошен раст на износот на капитал од близу 5,4 милијарди денари.Ваквите остварувања се одраз на постабилниот амбиент, претпазливото однесување на банките, како и на донесената одлука на Народната банка“, велат од централната банка.

- Advertisement -

На седницата на Советот е нагласено дека поради неизвесноста со пандемијата, банките и понатаму треба претпазливо да ги планираат своите капитални потреби и да му дадат приоритет на натамошното јакнење на капиталните позиции, соодветно со преземените ризици во работењето.

Одуката за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките беше донесена во февруари годинава во согласност со препораките на Меѓународниот монетарен фонд и Европската централна банка. Целта беше да се делува превентивно за натамошно зголемување на отпорноста на банкарскиот систем и одржување на стабилноста, во услови на неизвесност и продолжени ефекти од кризата oд пандемијата на ковид-19.

(МИА)

Сподели!
- Advertisement -