Иницијативата „3 Mориња“ го покажа патот кон успешната дигитализација и практичната соработка на повеќе земји од регионот

- Advertisement -

Интервју со Јордан Димитровски, член на Одборот на директори на АмЧам, генерален директор на Аитоникс кој неодамна присуствуваше на Самитот и Деловниот форум „3 Мориња“.

Неодамна присуствувавте на Самитот и Деловниот форум „3 Мориња“. За што конкретно станува збор, и што според Вас може да се издвои како најинтересно за нас?  

Самитот и Деловниот форум „3 Мориња“ е еден од најголемите собири од ваков тип во нашето блиско соседство. Велам еден од најголемите, бидејќи се работи за регионален настан кој е започнат по иницијатива на 12 држави од Централна и Источна Европа кои се опколени од Јадранското, Балтичкото и Црното Море (оттаму името „3 Мориња“) и на кој учествуваа повеќе од 40 претседатели, вицепремиери, министри и државни функционери, беа вклучени повеќе од 35 претставници на државни институции од регионот и над 20 компании кои имаат значајна улога во економскиот развој на регионот. Американскиот претседател, Џо Бајден, во свое видеообраќање од Белата куќа до учесниците на Самитот, изјави дека Вашингтон ја поддржува оваа иницијатива и нагласи дека „3 Мориња“ има неверојатен потенцијал да го подобри просперитетот на овој регион. Исто така, значајно е да се напомене дека на самиот настан имаше повеќе од 300 присутни, а повеќе од 800 лица го следеа на онлајн платформа. Со г-ѓа Маја Филипчева, претседател на Одборот на директори на АмЧам Северна Македонија, присуствувавме на Самитот по покана на АмЧам Бугарија – која оваа година се најде во улога на коорганизатор на овој настан.

- Advertisement -

Големината на овој настан не се прикажува само преку импозантната листа на учесници или присутни, туку и преку она што е главната цел на овој самит и деловен форум – а тоа е меѓусебната соработка на 12 држави кои согледувајќи ја нивната позиција во рамките на Европа, пронашле заеднички јазик и поставиле за цел да си помогнат во градење подобра инфраструктура во транспортниот, енергетскиот и дигиталниот сектор, преку иновативни решенија, а во насока на постигнување забрзан економски развој и економска стабилност.

Оттука всушност произлегуваат 4-те панели на „3 Мориња“, кои ги отсликуваат клучните сектори во кои овој регион смета дека треба да се инвестира, а тоа се транспортот, енергетиката, иновациите и дигитализацијата.

- Advertisement -

Е сега, што може да се издвои како најинтересно. Според мене, иако секој од панелите беше навистина информативен и содржаен, посебно може да се издвои панелот за дигитализација. Организатор на овој панел беше АмЧам Бугарија, а модератор на истиот беше нивниот извршен директор г-дин Петар Иванов, кој воедно и ја упати поканата за овој настан кон нас. Вклучувањето на АмЧам во организацијата на настан од овој калибар, го одразува повишеното ниво на соработка помеѓу стопанските комори и јавниот сектор.

Дигитализацијата, не е ставка сама по себе, таа претставува сврзувачко ткиво кое ги присоединува и движи промените во останатите гореспоменати сектори. Поради тоа, од наредната година е предвидено да стане интегриран дел во рамките на останатите 3 панели.

- Advertisement -

Како што посочив, дигитализацијата се проткајува во рамките на сите сектори, а она што беше воочливо од самиот панел е дека ги вклучува сите засегнати страни кои го градат дигиталниот екосистем.

На самиот панел, од една страна беа присутни министерот за финансии на Р. Бугарија – како претставник на оние кои ги креираат политиките и регулативите околу дигитализацијата, и големите компании како Амазон Веб Сервисес, Гугл Клауд и локални провајдери на клауд услуги кои најчесто ги опслужуваат државните институции.

Големите компании имаат големи капацитети за спроведување дигитална едукација, подготвеност да управуваат со обемни датабази на податоци, како и справување со безбедносните проблеми (киберкриминалот). Со тоа, тие лесно ја стекнуваат довербата на институциите, а и на јавноста, и се оние кои практично ги поставуваат темелите на патот за дигитализација. Согласно тоа, го имаат и приоритетниот пристап до информациите и датабазите потребни за понатамошен развој на дигиталните решенија. Но, она што им недостасува е оној агилен пристап за пронајдоци и нови изуми за тековните проблеми.

Од друга страна пак беа присутни и компании чијашто големина не се мери во бројот на вработени туку во нивната иновативност за пронаоѓање дигитални решенија за тековни проблеми. Тука станува збор за мали и средни претпријатија, коишто се занимаваат со изработка на дигитални алатки за автоматизација, апликации и софтвери, како и апликативна примена на нови и постојни дигитални технологии. Ова се компании чиишто имиња (сè уште) не се дел од нашето секојдневие, но имаат огромен потенцијал да станат токму тоа. Тие ги претставуваат двигателите на промените – иноваторите и претприемачите. Она што ним им недостасува, може да им го понудат и да го добијат од големите компании – пристапот до информации, основната платформа (како што е клаудот) и довербата од институциите.

Оддалеку, ова е како приказната за Давид и Голијат, големите наспроти малите. Но, овој панел прикажа дека всушност не е така. Сите овие панелисти имаа една заедничка цел – да соработуваат. Големите компании се залагаат за олеснување на регулативата, оформување на големата инфраструктура и овозможување пристап до информации за малите и средните претпријатија кои пак од друга страна со помош на овие алатки, ќе можат да се посветат на иновациите и апликативните решенија. И сето ова со една заедничка амбиција – а тоа е да се развие средина во која иновативните дигитални решенија ќе може да се аплицираат вон границите на нивните држави, во регионот, а понатаму и ширум светот.

  • Што може да донесеме како заклучок за дигитализацијата според овој панел и што може да направиме ние во таа насока?

Пред сè, може да се заклучи дека дигитализацијата е неминовен и интегрален дел од развојот на секое општество. Не постои индустрија којашто не е допрена од дигитализацијата. Можеби неодамнешната пандемија на некој начин ни ја втурна пред лице за да сфатиме колку зависиме од неа, но и без тоа да се случеше, сите досега сме им се воодушевувале на иновативните технолошки потфати и изуми од дигиталниот свет.

А дигитализацијата е лулка токму на тоа – на креативноста и на иновациите. За да овозможиме средина во која ќе се развива иновативноста, треба да се овозможи висок степен на дигитализација преку намалување на препреките кои го успоруваат дигиталниот и технолошки развој.

Тука голема ролја игра регулативата, креирањето политики кои го поддржуваат технолошкиот развој и една од заложбите на АмЧам е токму тоа – да се поттикне свесноста за потребата за дигитализација, да се поттикне дигиталната трансформација во нашата држава и да се креираат политики за дигитализацијата кои ќе овозможат забрзан развој преку вклучување на деловната заедница во сите овие процеси.

Присуството на АмЧам на „3 Мориња“ ни помогна да ги согледаме можностите кои се креираат преку соработката. За да успееме да го надминеме дигиталниот јаз помеѓу нашата држава и оние од регионот, потребно е не само да соработуваме меѓу себе како деловна заедница, туку и да се осврнеме на можностите кои ни се отворени преку соработка и вклучување во тековни проекти од земјите во нашето соседство.

Дигиталниот свет не познава граници, не препознава далечина и време – препознава само едно – поврзаност. Тука не зборуваме само за поврзаност како дигитална инфраструктура, туку за човечката инфраструктура – соработката за заеднички цели, заложбата за заеднички интереси, и креирање амбиции за подобри општества.

Сподели!
- Advertisement -