Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) преку Шпаркасе банка Македонија АД Скопје обезбеди нов финансиски пакет од пет милиони евра за подобрување на енергетската ефикасност во домовите во рамки на Фондот за Западен Балкан за финансирање на зелена економија (ГЕФФ II).
Средствата од заемот ќе бидат достапни за инвестиции во зелени технологии со високи перформанси, материјали и решенија во куќи и станбени згради во приватна сопственост. По успешното завршување на проектите, заемопримачите ќе имаат право на поврат на средства до 20 проценти, финансирани од Европската Унија.
Дополнително, ЕБОР обезбеди 20 милиони евра нефинансиран фонд за поделба на ризик на Шпаркасе банка, преку кој ќе гарантира до 50 проценти од постојната и новата корпоративна изложеност на заемодавателот, со што ќе се намалат пондерирањето на ризикот и барањата за капитал на тие заеми. Околу два милиони евра од пакетот ГЕФФ II се доделени на Охридска банка, која се спои со Шпаркасе банка Македонија АД Скопје.
-Со нетрпение очекуваме да работиме со Шпаркасе банка, која е докажан партнер на ЕБОР, со одличен учинок. Ќе продолжиме да ги поддржуваме инвестициите што придонесуваат за зелената транзиција. Со потпишувањето на овој пакет очекуваме да им дадеме дополнителен поттик на бизнисите во земјата преку обезбедување подобар пристап до финансии, помагајќи им да се опорават од пандемијата и да ја подобрат нивната конкурентност, рече Анди Аранитаси, раководител на канцеларијата на ЕБОР во Скопје.
Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на ЕУ во Скопје порача дека со зголемувањето на енергетската ефикасност на зградите може значително да придонесеме за климатските цели, како и да им се помогнеме на домаќинствата и деловните субјекти да ги намалат трошоците.
-ГЕФФ обезбедува финансиска поддршка за такви инвестиции, како и за зголемена употреба на обновлива енергија. Тоа е дел од пошироката поддршка на ЕУ за спроведување на целите за климатските промени во Западен Балкан и закрепнување по економскиот пад предизвикан од пандемијата „Ковид -19“, рече Гир.
Генералниот директор на Шпаркасе банка Македонија, Глигор Бишев посочи дека ги препознаваат предностите и придобивките од финансирањето проекти за подобрување на енергетската ефикасност кои, посочи, генерираат заштеда на енергија на локалниот пазар.
-Зелените заеми за промоција на енергетска ефикасност комбинираат придобивки за домаќинствата, добавувачите на енергетски ефикасни технологии и заштита на животната средина, што е во фокусот на нашата стратегија за корпоративна општествена одговорност, рече Бишев.
Програмата ГЕФФ за подобрување на енергетската ефикасност се спроведува во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија. Нуди финансии за инвестиции во зелената економија во станбениот сектор, како и за бизниси кои обезбедуваат енергетска ефикасност и производи и услуги за обнова на енергијата за домаќинствата. Неодамна беше зголемена на 135 милиони евра како одговор на зголемената побарувачка. ГЕФФ се спроведува во рамките на Регионалната програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан, кофинансирана со грантови средства од Европската Унија, Инвестициската рамка за Западен Балкан и Австриското федерално министерство за финансии. вј/са/