Министерството за здравство информира дека е достапна апликацијата за CommonPass сертификат за патување во странство. CommonPass е унифициран дигитален сертификат кој се презема од апликација од Google Play Store/App Store со кој се потврдува вакциналниот статус на секој граѓанин.
„Со овој сертификат во моментот може да се патува најчесто во САД и Канада каде се користи најмногу. Покрај патувањето и доказ за вакцинација со овој CommonPass граѓаните во овие земји можат непречено да се движат и функционираат во услови кога има одредени рестрикции и забрани за невакцинираните“, велат од Министерството за здравство.
За преземање на овој сертификат, граѓаните треба да ги следат следниве чекори:
1) Да се најават на вебстраницата vakcinacija.mk;
2) Во својот личен профил можете да го најдат националниот сертификат издаден од МЗ со QR код за примена вакцина;
3) Системот дава опција за внесување на број на валидна патна исправа;
4) Откако ќе се внесе бројот на пасошот се креира автоматски CommonPass;
5) За да креираат дигитален CommonPass, достапен секогаш на паметниот телефон, треба да се преземе мобилната апликација „CommonPass„ oд Google Play Store/App Store;
6) По симнување на апликацијата истата ќе побара да се внесе следниот активациски код: CPNMKD;
7) Потоа апликацијата ќе побара да се скенирате QR кодот од CommonPass сертификатот кој веќе го имате симнато на компјутер. Доколку постои потешкотија да се скенира кодот од eкран, испечатете го CommonPass сертификатот и скенирајте директно од хартија.
Министерството за здравство им нуди повеќе опции на вакцинираните граѓани за патување во странство. Освен националниот сертификат со QR код, сега имаат можност да патуваат во САД и Канада и со CommonPass, а веќе од следната недела ќе биде достапен и Зелениот пасош за патување во ЕУ.
Министерството за здравство укажува дека независно од сите сертификати кои ќе бидат обезбедени за нашите граѓани, секоја земја согласно епидемиолошката состојба има право да воведе дополнителни рестрикции за влез или движење во истата.
Фото – Commonpass.org