Амстердам, кој е многу популарна туристичка дестинација, всушност е премногу популарен, заклучија градските власти. Тие го ограничија бројот на ноќевања во градот на 20 милиони годишно за да може да се ублажат последиците од масовниот туризам.
Со уредбата ќе се намали бројот на посетители за најмалку 10%, иако е многу поблага од иницијативата на околу 30.000 жители на градот кои побарале бројот на ноќевања да се ограничи на максимум 12 милиони годишно.
Во 2019 година во градот со 800.000 жители биле забележани 22 милиони ноќевања, а во 2020 година нивниот број нагло паднал поради пандемијата на корона вирусот. Градските власти според новата уредба ќе мора барем еднаш годишно да го објавуваат бројот на туристички ноќевања.
Откако ќе се достигне лимитот, ќе мора да интервенираат со мерки како зголемување на таксата за престој и ограничување на платформите за изнајмување сместување, како што е Airbnb.
Овие мерки не се новина затоа што Амстердам веќе драстично ги заостри прописите за дигиталните платформи, го органичи бројот на хотелски кревети и одреди лимити за туристичките посети на градскиот центар.
Градските власти размислуваат и за можност за преселување на Квартот на црвените фенери на периферијата и забрана на продажбата на лесни дроги за туристите во кафулињата.
(Bizlife)
(фото: Pixabay)