Речиси и да нема човек кој не ги изговорил или барем слушнал зборовите „здравје пред се“ или „ако имаш здравје, имаш се“. Секому му е јасно колку е важно здравјето за еден човек, и знаеме дека кога се работи за здравјето, човекот не размислува колкава цена ќе плати за да дојде до определен лек.
Но, тука логично се поставува прашањето што ако дадеме многу пари, а сепак лек не пронајдеме? Многу често се случува да потрошиме многу пари за да купиме некој лек, но тој да ни помага. Но понекогаш лекот знае да биде многу евтин, па дури и бесплатен, па не залудно се рекло „лекот може да е пет пари, но треба да се знае“.
Еден од најефикасните природни лекови, кои ги добиваме директно од природата и се корисни за целиот човеков организам е пчелната инхалација. Неа, за прв пат во нашата држава ја спроведува охриѓанецот Златко Цветаноски од охридското Ново село.
Бенефитот од пчелната инхалација им бил познат уште на старите Египќани и се состои од вдишување на аеросоли кои во себе содржат повеќе корисни елементи како што се поленот, матичен млеч, мед, етерични масла, бергам нектар восок, флавоноиди и многу други. Пчелите, преку движењатa на своите крилца ги мешаат овие материи и ги распрскнуваат во ситни аеросоли низ пчелното сандаче, кои потоа човекот со едноставно вдишување ги прима во себе.
Во интервју за Иновативност, иноваторот Златко Цветаноски раскажува дека пчелната инхалација има огромна корист за целиот организам, а особено при третман кај лица кои прележале Ковид 19.
Разговараше – Даниел Шикоски
Пчелната инхалација веќе се практикува во светот, но во нашата држава за прв пат се појавува благодарение на вас. Дали може да ни кажете од каде е вашата идеја?
Се работи за нов вид на пчелна инхалација, а постои можност и за мобилна пчелна инхалација. Постои посебно подготвено сандаче со инхалатори, кое има можност да се пренесе во домот кај тие што не можат да дојдат кај нас и да инхалираат на лице место. Инаку, идејата ја добив по повеќегодишно пчеларење, како и од искуство од други држави каде се применува.
Кога ќе се дојде тука, на лице место, може да се забележат повеќе локации за инхалација. Како изгледа целиот процес?
На нашата локација постојат посебни објекти за пчелна инхалација, во кои посетителот нема никаков допир со пчелите. Најдобро е првата инхалација да трае максимум до 10 минути, да може организмот да се прилагоди на новата состојба.
Со оглед на тоа што се работи за нова практика во Македонија , дали и колку луѓето се запознаени со пчелните инхалации?
Според истражувањата кои ние сме ги спровеле и според истражувања од други држави, 40% од луѓето воопшто не слушнале за пчелната инхалација, 40% слушнале, но не знаат доволно, додека само 20% имаат точни информации. Но, од ден во ден има се поголем интерес и се повеќе луѓе можат да дојдат тука, да научат повеќе, да го вкусат тоа задоволство и да вдишат здравје од пчелната кошница. Работиме на тоа луѓето постепено да се запознаваат со пчелната инхалација, преку медиумите, интернет, директен контакт, а исто така изработивме и флаери во кои се опишани сите благодети од пчелната инхалација.
Каков е интересот и посетеноста? За што најмногу доаѓаат посетителите?
Интересот е се поголем. Најчесто тоа се луѓе со проблеми со синуси, или алергични на полен, но по инхалациите се чувствуваат добро. Имало и случаи кога алергијата била поизразена, но со повеќе терапии постепено се намалува. Во овој момент имаме поголем број посетители кои се на пост-ковид рехабилитација, кои имале проблеми со кашлица, но по првиот третман се чувствуваат подобро. Немаат повеќе проблеми со кашлица и полесно спијат. Имавме и пациенти кои имаа проблеми со висок крвен притисок и кардиоваскуларни заболувања, потоа со астма и други. Кај нас се подготвува и таеквондо клубот „Хва ранг итф“ од Охрид, бидејќи со пчелната инхалација им се подобрува капацитетот на белите дробови.
Пчелната инхалација се применува и кај стрес, намален имунитет, општа физичка слабост, мигрена, главоболки, синузитис, отежнато дишење, кашлица, пневмонија, бронхитис, алергии, напад на астма, ги уништува патогените бактерии, се употребува како терапија за закрепнување од мозочен удар.
Рековте дека има можност за мобилна инхалација, што значи тоа за пациентите?
Се работи за посебно изработено сандаче со инхалатор кое може да се носи во домот на тој што сака да изврши инхалација. Потребно е само да се вклучи инхалаторот во струја и инхалацијата може да почне на било која локација.
Колку е тешко да се одржува локација за пчелна инхалација?
Кога се има љубов ништо не е тешко. Секако, потребно е да се има пчелни сандачиња, предност е што нас тука во близина ни е и пчеларникот. Потребно е да се изработат посебни пчелни сандачиња за користење на мобилна пчелна инхалација и да се набават посебни инхалатори за да може да се врши инхалацијата.
Кои ви се плановите за иднината?
Во моментов имаме една просторија каде што посетителите можат да се одморат, да преспијат или да се релаксираат, а планираме во иднина да се направат повеќе простории. Во овој момент се трудиме и што може повеќе да ги запознаеме луѓето со овој тип на инхалација, за да може да го дознаат бенефитот и користа што ќе ја има нивниот организам. Разговаравме и со тур оператори за да можат да доаѓаат и групи туристи, да се запознаат, покрај со инхалацијата и со сите пчелни производи. Планираме во иднина секој да има можност кога ќе дојде да го посети и пчеларникот и да научи се за одгледувањето пчелите, начинот на функционирање на пчелната заедница, а со тоа и да направи една инхалација од пчелното сандаче.
Мислите ли дека пчелната инхалација треба да стане дел од препораките за лекување што пациентите ги добиваат од докторите?
Ова е алтернативна медицина. Имаме размислувано на оваа тема, но секој треба да си одлучи што е најдобро за неговото здравје. Нашиот матичен доктор го запознавме со овој вид на инхалација и имаше многу позитивен пристап.
За крај, што би им препорачале на нашите читатели?
Дека здравјето е најголемиот дар и дека секој треба да гледа колку што може да го искористи тој дар. За здравиот човек секој ден е празник.